Слобода на медиумите – на десно поравнај се!

пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ

Слободата на медиумите е слободата на говорот. Таа е онолку слободна колку што сам ќе си ја зграпчиш слобода. Таа никој не ти ја дава, но сите центри на моќ – политичка, економска, посебно и медиумската моќ која ретко е во рацете на новинарите, сакаат да ти ја земат и скратат. Тоа е еден процес во кој победникот е оној кој на крај слободно ќе говори. Сакав слободно да ви говорам за Стокхолмскиот синдром во медиумите и за солидарноста на новинарите и здруженијата. Но, ќе го искористам Денот на слободата на медиумите за да се „заблагодарам“ не од името на редакцијата, ами од мое лично име за тоа како ја доживеав слободата на говорот, а воедно и слободата на медиумот во кој сум во редакција во  изминативе повеќе од половина година.

Ја користам оваа прилика за Денот на слободата на медиумите, да се „заблагодарам“ за „солидарноста“ на сите што застанаа до сега во одбрана на Првата линија на фронтот, кога ние како медиум и поединци од редакцијата бевме и сме рафално напаѓани, омаловажувани и клеветени со интриги од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните приврзоци, затоа што секојдневно како медиум ги прашуваме, а одговори од нив не добиваме.

Благодарен сум на „поддршката“ од сите колеги и здруженија што застанаа во наша одбрана кога Фронтлајн беше атакуван од страна на ни помалку ни повеќе туку актуелен генерал (аѓутант на бившиот претседател Ѓорѓе Иванов) од македонската армија.

Сакам да ја искористам и оваа прилика да се „заблагодарам“ за поддршката што ни ја даваат колегите и новинарските здрженија кога Фронтлајн беше нападнат со клевети и на јавна сцена омаловажуван ни помалку ни повеќе туку од директорот (чиј мандат патем е поминат) на АВМУ – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски, само зашто се дрзна Фронтлајн да објави дека Зоран Трајчески се шетал во Барселона, а откако се вратил не бил во самоизолација како што му било наложено.

За клеветите против Фронтлајн, од дебело нафатираната со црни пари режимска будимпештанска испостава скриена како национална телевизија каде Фронтлајн не го вадат од агенда откако е почнат, ич не сакам да ви кажувам, и за таа солидарност со нашиот медиум многу сум благодарен од колегите слободарски новинари и здруженија.

Огромна благодарност за поддршката на медиумските работници и здруженија за нашите колеги колумнисти во Фронтлајн, чија слобода на говор беше осудена за непристојна кога овие се борат да раскринкаат режимско дувло на клеветници и злосторници

И на крај, „најискрено“ од мое лично име им благодарам на сите медиумски работници, мои долгогодишни соборци, другари новинари и медиумски здруженија што „храбро застанаа“ позади мојата слобода на говор и дигнитет и го актуелизираа моментот кога како блогер коментатор присутен на социјалните медиуми 15 години, бев од една новинарска гротеска што до скоро го сметаа за сериозен новинар, бев украсен со епитети како гомнар, а моите пријатели како стока и не знам што ли не само зашто го потсетив дали се сеќава и на каде забегал. И за тоа тапшањето тогаш во приватни пораки наместо давањето јавна поддршка многу сум ви „благодарен“. Тенк ју, анд фак ју.

Нека е честит Светскиот ден на слободата на медиумите анд кип он гоинг со солидарноста, „ДРУГАРИ“ медиумски работници!

На оние што „не застанаа“ позади поддршката не им се заблагодарувам.