СКЕН – политички видео магазин: Преспа или Будимпешта

По две години од потпишување на Преспанскиот договор, државата стана 30-та земја членка на НАТО и е во последна фаза од процесот за членство во Европската Унија. Договорот го поздравија од цел свет, освен од ВМРО-ДПМНЕ кои сега пред избори билдаат патриотизам и најавуваат дека ќе го вратат името, е тема на ова издание на СКЕН – политички видео магазин.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски на одбележувањето на Договорот од Преспа истакна дека пред две години, во меѓународно афирмиран процес ги обезбедивме трајните гаранции за македонскиот јазик и идентитет и нашето членство во НАТО, и влеговме во последната фаза од процесот за членство во Европска унија, додавајќи дека договорот од Преспа е модел за европско однесување, модел за Балкан достоен на 21 век, како рамноправен и неделив дел од Европската Унија.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, истакна дека Преспанскиот договор нѐ донесе чекор поблизу до Европската Унија и конечно ги отворивме вратите на нашата ЕУ интеграција. По 15 години чекање почнуваме преговори за членство. НАТО и ЕУ се наша силна поддршка за развој, но и за соочување со предизвиците и опасностите како што е коронавирусот. Изминатиот период добивме голема помош и поддршка од нив.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски, билда патриотизам пред избори и најавува дека ќе го врати името – Македонија.

Со иста порака се огласи и Игор Дурловски носителот на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, кој вели дека пред две години СДСМ и тогашниот премиер Зоран Заев го потпишаа Преспанскиот Договор со кој се изврши според него најголемото предавство, и најави враќање на „Македонија на Македонците“.

Зекир Рамчиловиќ е еден од осумте пратеници кои излегоа од ВМРО-ДПМНЕ и гласаше во Собранието за Уставните измени, и тој не смета дека е предавник како што го нарекуваат членовите и активистите на ВМРО-ДПМНЕ, напротив, тој вели дека го направил најдоброто за државата.

Не им е првпат на ВМРО-ДПМНЕ да шират лажни вести и дезинформации во врска со Преспанскиот договор, еднаш граѓаните не ги послушаа и гласаа на референдумот за ЕУ и НАТО интеграциите. Дали и овој пат граѓаните ќе изберат иднина наместо минато, останува да се види во наредниот период.

Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети