Политиката да се одвои од статистиката, бидејќи пописот тоа и е – статистичка операција, а не полигон за етно-политички пресметки. Гостиварчан(к)и се едногласни дека пописот треба да се спроведе и дека не треба да се бојкотира. Започнатиот попис е тема на ова издание на политичкиот видео магазин СКЕН.
„Треба да се одржи пописот, да видиме кој сме и што сме. Тие што повикуваат да не ги примаме попишувачите дома, тие нема да доаѓаат по 100 души, ќе дојде 1 или двајца попишувачи. Еве, полн е градот со луѓе, ама тие што не сакаат да има попис кажуваат ‘ќе нè фати корона’, како ќе нè фати корона?, ние не сме затвореници па да не нè фати, кога по цел ден сме надвор. Кај мене ќе бидат добродојдени попишувачите, мора да се одржи пописот да знаеме што имаме во државата“, вели еден гостиварец.
ЦИВИЛ одржа панел дискусија на тема „Попис: Статистика, не политика“ во општина Гостивар, во која учествуваа градоначалник на општина Гостивар, Арбен Таравари, претседателот на Советот, Бесим Мемеди, координаторот на советничка група на СДСМ, Зоран Ангелов и советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Силјаноски. Панелот го модерираше Џабир Дерала од ЦИВИЛ. На панелот беа поканети и претставници на помалкубројните етнички заедници кои живеат во Гостивар, но, за жал немаа време да присуствуваат на настанот.
Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика, се осврна на тоа да се искористи можноста да се попише населението, бидејќи ни требаат точни бројки.
„Јас ќе почнам прво како граѓанин, државата мора да има и добро е да има попис, бидејќи од 2002 немало друг попис, иако почнаа во 2011, но не се разјаснети причините зошто се стопираше тој процес. Како градоначалник многу ми е битно да се спроведе пописот, бидејќи имаме училишта, градинки, патишта и други работи кои планираме да се спроведат тие работи, но мора да се преброиме колку сме за да знаеме како да планираме понатамошно повеќе градинки, училишта. Треба да се видат по селата колку граѓани има и да планираме тие деца каде да учат.
Помалку ќе чини да се пратат деца по 5-6 км до некое друго училиште отколку да се плаќаат наставници за малку деца. Не може еден наставник да предава математика на 4-то, 5-то и 6-то одделение. Јас инсистирам како градоначалник месните заедници да бидат ангажирани околу пописот. Пописот не е политика туку е математика. Добро е да знаеме колку сме за да можеме да ги планираме работите. Како секретарот за алијансата имавме забелешки бидејќи се донесе многу набрзина, без тоа да биде јавно и да се дискутира. Законот за попис треба да се донесе 6 месеци пред да се одржи пописот а тука се донесе некаде средина на јануари 3 месеци пред да се спроведе. Нам ни треба математика со точни бројки. Ние побаравме заедно со законот да биде во парламент и методологијата да нема забуни дека некој игра некаква игра во оваа математичка операција. Многу ќе беше подобро да се донесе законот со апсолутен консензуз. Битно е математичката операција да донесе точни бројки за да може да се планира здравството образованието итн.
Како Општина ги известуваме институциите кога ќе слушнеме дека некој од нерезидентните имаат проблеми со попишувањето. Бројките кои ги добив утрово се разочарувачки, луѓето кои живеат привремено во странство немаат мотив за пописот. Како општинска организација веќе кажавме дека сме тука и соработуваме со ДЗС и стоиме да бидеме full support за се што треба до крајот на попишувањето. Ја користам можноста да ги повикам граѓаните кај нас и тие што се надвор да ја искористат можноста да се попишат. Многу сум оптимист дека ова е последен попис што во државата ќе се извадува физички. Во странство кога им треба попис на секои 6 месеци пуштаат апликации и населението се попишува онлајн. Што ќе постигнат малите партии што ќе сакаат да го бојкотираат пописот? Што ќе постигнат со тоа? Јас ги повикувам да подразмислат убаво, најмногу за нивните деца“, порача Таравари.
Советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гостивар, Марјан Силјаноски, истакна дека пописот е од суштинско значење и треба што побрзо да се одржи, меѓутоа како партија не се согласуваат да се одржи сега туку да се одложи поради здравствената состојба.
„Во ек на пандемија бројките секојдневно растат и не треба да се одржи попис во овој период. Има доста земји што го одложиле пописот токму поради здравствени причини. Во есен или пролет да се пролонгира пописот. Голем број на граѓани се согласуваат со нас гледајќи ја поддршката што ја добиваме секојдневно.
Ние не сме за бојкот на пописот, бидејќи ни е потребен попис. Дебатата за законот за попис требаше да опфатат повеќе политички партии. Власта отфрли 40 амадмани од ВМРО-ДПМНЕ. Се согласувам дека пописот е математичка операција – а не политичка“, вели Силјановски.
Неколку дена се собираа потписи и во Гостивар, во неколку акции за пописот да се одржи во соодветно време. Пописот е поинаква операција од изборите. Попишувачите одат кај луѓето дома, за разлика од изборите. Сега би имало поголем физички контакт“, истакна Сијлановски.
Координаторот на советничката група на СДСМ, Зоран Ангелов, нагласи дека пописот е сложена статистичка операција и дека Северна Македонија мора да спроведе попис.
„Во секоја држава се одржува на секои 10 години. Кај нас немало попис од 2002, а без попис не можеме да имаме успешни политики во економија енергетика образование, земјоделие итн, изјави .
Мора да знаеме колку сме за да можеме да се развиваме. Не смее на ниеден попис да му се даде политичка конотација. Пописот ќе каже колку се дома колку се во странство повеќе од 12 месеци. Отселувањето на младите кадри за жал е многу големо и затоа мора да знаеме колку се отселени, на која возраст се и образованието нивно да го видиме. Во графата за етничка припадност секој ке се попише како се чувствува. Се надевам на успешно спроведен попис со почитување на сите мерки кои ќе ги препорача комисијата з заразни и сите мора да се придржуваат кон тие мерки. Се надевам дека нема да се прават опструкции и повикувам на масовно попишување“, изјави Ангелов.
Претседателот на совет на Општина Гостивар, Бесим Мемеди, истакна дека кога почна пописот за дијаспората, граѓаните од надвор го контактираа дека пописот е почнат многу хаотично.
„Ние помагаме како политичка партија да има успех во пописот за граѓаните што живеат надвор. Од политички аспект јас припаѓам во Алијанса на Албанците и ние го поддржуваме овој попис и имам впечаток дека ќе се оддржи овој попис.
Има зголемување на бројките на Корона, но кога се изгласа законот ние бевме во втор бран, а сега тоа што се случува може да влеземе и во трет бран. Ние треба да ги мотивираме граѓаните да се оддржи овој попис. Како лекар повиќувам кога ќе се оди во куќи каде што се знае дека има позитивни да се оди добро подготвени да не се зарази уште некој, со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19. Од 1 до 5 пописот би го оценил дека ќе биде безбеден 3 (добар)“, рече Мемеди.
Еден граѓанин кој живее во странство за ЦИВИЛ вели дека тој го оствари своето право преку апликацијата за самопопишување на граѓаните во дијаспората.
„Јас се попишав без никаков проблем. Ги повикувам сите да се попишат, бидејќи треба да се знае колку луѓе има тука колку се заминати во странство“, вели тој.
„Не се реални повиците да се бојкотира пописот. Зошто да се бокотира? Пописот се прави за нас, бидејќи ние сме државата“, вели друг граѓанин на Гостивар.
Еден граѓанин истакна дека повиците да не се отвара врата на попишувачите се само политички игри.
„Не може да се вадат на пандемијата, сега може надвор да се спроведе пописот убаво е времето. Треба да се направи пописот, нема никаква штета“, вели еден гостиварец.
Тим на ЦИВИЛ
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети