СКЕН - политички видео магазин: Ќе има попис во кој ќе учествуваат сите граѓани

По договорот меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пописот да се одложи за септември, граѓаните се во очекување на потврда на овој договор во законодавниот дом на Северна Македонија. Одложениот попис е тема на ова издание на политичкиот видео магазин СКЕН.

 

Пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, на панел-дискусијата на ЦИВИЛ, се осврна на пописот дека сепак е статистичка операција.

„Пописот е дефиниран и се нарекува статистичка операција,  кој за жал во Република Северна Македонија на некои субјекти не им изгледаше така. Во последно време бевме сведоци на големи кампањи. Дел од опозициските партии најмногу ВМРО-ДПМНЕ сакаа да го постават како политичка цел. Точно е дека законот беше донесен по скратена постапка и со европско знаме. Амандманите кои беа поднесени од опозицијата беа дискутирани во кабинетот за европските прашања.

Мислам дека опозицијата треба да размисли каква политика водат. Ме радува средбата вчера, не заради одложувањето, туку затоа што лидерите седнаа и договорија дека треба да има конструктивност.

Кога имате прашања како попис, не може да дебатирате од политичка страна. Пописот не може да чека, чекавме 20 години. Јас како граѓанин жалам што се фрли сенка на Државниот завод за статистика, кои навистина работат и си ја сакаат својата работа. Во таа политичка битка опозицијата ја засени таа нивна работа. Но на крајот на денот, се седна и се дебатираше за таа тема.

Комисијата за заразни болести изготви протокол како попишувачите ќе го изведат пописот. За пописот да им веруваме на Државниот завод за статистика, а за пандемијата да им веруваме на Комисијата за  заразни болести.

Со цел да се одблокира состојбата во Собранието, која на никој не му оди во прилог, се договорија да се одложи пописот.

Податоците од дијаспората ќе продолжат да се ажурираат и ќе продолжи до 30 септември. Пописот ќе се одржи од 5 до 30 септември. Пописот сепак ќе биде статистичка операција, во која сите ќе имаме придонес, изјави Петровска.

Професорката Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, на панелот на ЦИВИЛ, „Попис: Статистика, не политика“ праша - зошто е одложен пописот?

„Мене ми е нејасно, зошто е одложен пописот, дали е одложен поради пандемијата бидејки однесувањето на граѓаните не покажува дека постои страв од пандемија. Можеби пописот се одложи поради лошиот Закон и методологија за одржување на попис, но очигледно причината не е Законот за попис, бидејќи веќе се собрани илјадници податоци од дијаспората и би било нелогично сега да се менуваат. Овој момент е проблематичен, бидејќи пописот е статистичка и важна операција, но неспорно е дека оваа операција кај нас е политичка операција. Од чисто статистичка се претвори во чисто политичка операција.

Бројките станаа предмет за добивање на права на одредени етнички заедници по потпишување на Охридскиот рамковен договор.

Навистина не знам како политичките партии ќе ги убедат граѓаните дека пописот е статистичка, а не политичка операција кога двајца политички лидери седнаа на маса и се договорија за одложување на пописот.

Наместо да ги слушнеме бенефитите од пописот, ние слушнавме дека пописот е патриотски чин. Каква врска има патриотизмот со статистичката операција. Моментот кога почна да се повикува на бојкот, веднаш се стави политиката на прво место.

Политика е и тоа што Артан Груби почна да повикува сите Албанци да се попишуваат. Наместо да се влезе во кампања за тоа кои бенефити ќе се добијат од статистичките податоци, политичарите водеа политички кампањи.

Поимите дијаспора и иселеници дојдоа до забуна не можеа да се договорат кој термин да го користат. Апликацијата за самопопишување е со лош англиски јазик дознав од мои блиски луѓе кои живеат во странство.

Не смее Собранието да биде слуга на политичките партии, и треба да ја преземе улогата оваа статистичка операција да не се претвори во политичка.

Треба да целиме да се прави целосно електронски попис со вкрстување на податоците“, вели Најчевска.

Главниот и одговорен уредник на „Капитал“, Љупчо Зиков, на панел-дискусијата на ЦИВИЛ зборуваше за пописот од економска гледна точка.

„Се радувам што на економијата и се дава можност да се искаже во ваква ситуација.

Во 30 години, во Република Северна Македонија, политичарите како да не се свесни за многу работи. За жал, македонските политичари, не ја сфаќаат смислата за постоење на политичка сцена. Политичката сцена не постои за нивните кариери или нивните животи. Не сфаќаат дека треба да им служат на граѓаните во неколку  области. Анахроно и глупаво е да се зборува дека Македонија располага со бројки од пописот од 2002 година.

Ако тргнеме дека и тој попис во 2002 е направен пост конфликтно, со можеби до крај не точни податоци поради раселеноста во тој период, и прашање е и тој попис колку е валиден и веродостоен. Во целата независност од 30 години, јас кажувам мое лично мислење е дека има мала релеванција во двата пописа. И ако тоа го земеме како логична матрица, правиме многу битен и  сериозен попис.

Попис во 2021 година никаде во светот не е тема. За мене 3 клучни постулати се важни. Податоците од пописот се база за стратешка економска политика на Владата. Битно е и кај компаниите и физичките лица за деловна политика. И трето, пописот е битен за пописни политики. Пример, сакаат да градат спортска сала. За колку луѓе треба да се направи таа сала?

Зошто е битен пописот? Кога една компанија инвестира, колку луѓе се потребни за таа компанија? Знаат ли компаниите колку производи треба да направат за да го задоволат пазарот?

Ние треба да си ги преброиме како и граѓаните така и потрошувачите, бидејќи современиот збор за граѓанин е потрошувач. Затоа пописот е статистичка операција. Третиот аспект се државно-економски и стратешки политики. Пописот мора да се направи. Хипотетички да кажеме дека нема да се одржи годинава пописот. Подоцна тоа треба да го правиме под силен притисок на ЕУ“, истакна Зиков.

ЦИВИЛ континуирано апелира до политичките структури да не го политизираат пописот, за тој да се спроведе како статистичка операција, бидејќи тоа и е.

Како општествено одговорна организација, ЦИВИЛ организираше серија дебати за пописот, почнувајќи од почетокот на декември минатата година. Како и секогаш, организацијата и во оваа тема дејствуваше „децентрализирано“, па дебати организираше и во други градови, како Штип, Гостивар и Гевгелија. ВМРО-ДПМНЕ учествуваше на дебатите во Штип и Гостивар, а опозицијата беше претставена и преку претставникот на Социјалистичката партија на дебатата во Гевгелија.

Политичкиот видео магазин СКЕН е дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.

Тим ЦИВИЛ Медиа

камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети

This post is also available in: English