Хибридните напади пред сè се базираат на лажните вести, дезинформациите, говорот на омразата кои се генерираат од одредени центри на моќ, меѓутоа и измамата, саботирањето, употребата на пранкови... Хибридните закани - подмолност на интернетот, е тема на ова издание на политичкиот видео магазин СКЕН.
„Целта на хибридните напади е кон уништување на шансите на одредена земја или структура да ги оствари своите цели. Да ја дестабилизираат, да ја дискридитираат и да ја оневозможат во исполнување на целите“, вели Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски смета дека со хибридните напади светот, а и ние како држава со мали ресурси допрва ќе имаме проблем.
„Ние како држава бевме предмет на сериозни хибридни напади првпат за време на Референдумот во 2018 година. Меѓутоа тогаш уште не бевме внатре во НАТО алијансата, тогаш добивавме некаква поддршка на билатерално ниво, но не таква каква што добиваме сега. Последниот пат со сихронизиран напад со огромен интензитет кој досега не беше забележан кај нас, со кој беше соборена страницата на Државната изборна комисија на самиот изборен ден, а тоа не го прави еден човек, тоа се приказни за мали деца дека тоа го направиле 2-3 хакери млади луѓе кои направиле таква штета, тоа не е точно“, вели Пендаровски.
Тој истакна дека хибридните напади се нов проблем, но наша среќа е што од 27 март оваа година сме членки на НАТО и дека почнавме да добиваме обилна помош и поддршка од другите сојузници во НАТО.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг истакна дека на Северна Македонија и даваат целосна подршка во борба со сајбер нападите и хибридните напади кои ги имаше и пред пандемијата и кои не исчезнаа и дека НАТО ги зголемува безбедносните мерки и борбата со дезинформациите и лажните вести.
Сашо Орданоски вели дека Слободен печат и ТИМЕ.МК беа цел на хибридни напади уште пред речиси една година, пред да се одржат парламентарните избори во Северна Македонија и иако имаат податоци од каде се извршени тие напади и се пријавени и доставени во полиција, засега немаат никаков одговор.
Дехран Муратов