КАТЕРИНА СИНАДИНОВСКА, Совет за етика во медиумите во Македонија
Во Извештајот на Репортери без граници за слободата на медиумите во Македонија како светли точки и успеси на полето на медиумите се споменати две иницијативи (и во двете е вклучен Советот за етика) – креирањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми, каде што партнери ни се ЗНМ и потпишувањето на Повелбата за услови за работа на новинарите со нацрт договор за фер вработување на новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми, иницијатива на Синдикатот, каде што повторно сме вклучени и ние и колегите од ЗНМ.
Сите чекори на еснафските здруженија се битни и значат многу во насока на подобрување на состојбата во медиумите.
Но, освен поддршка на нашата работа, она што треба да се види се политики и визии за реформи, кои нема само да значат прекинување на лошите практики од минатото, туку ќе имаат развоен концепт и една јасна слика пред себе за тоа што значи слободна и модерна медиумска сцена каде што јавниот интерес ќе биде императив.
Во спротивно напредокот ќе биде не само бавен, туку и тешко опиплив.
По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, сите содржини објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ на овој ден се достапни за објавување според лиценцата Creative Commons 4.0.