На полноќ, меѓу петок и сабота, односно меѓу 29 и 30 октомври, настапува изборниот молк
Точно на полноќ, меѓу петок и сабота, односно меѓу 29 и 30 октомври, настапи изборниот молк. Молкот трае до 19 часот, на денот кога се гласа во вториот круг од локалните избори (недела, 31 октомври). Тоа подразбира дека ширење на пропаганда, партиско агитирање, поткуп на гласачи, водење кампања и други прекршувања на Изборниот законик се строго забранети.
За време на изборниот молк се известува за изборите и текот на гласањето, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување.
Според Изборниот законик, член 76-Б, за прекршување на изборниот молк се смета емитување на какви било информации, фотографии, аудио и визуелни материјали поврзани со сите што учествуваат во изборите.
Понатаму, кршење на изборниот молк се и сите облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите
Не е дозволено изнесување податоци со кои се открива идентитетот на политичките субјекти или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Што вели законот?
Изборниот законик го регулира изборниот молк во Член 76-Б. Еве како гласи законот:
Член 76-б
(1) За време на изборниот молк, престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборна кампања.
(2) Радиодифузерите и за време на изборниот молк продолжуваат да известуваат за изборниот процес на денот на гласањето.
(3) При известувањето во деновите на изборниот молк, ќе се смета дека медиумите го прекршиле изборниот молк доколку емитуваат, односно објават: какви било информации, фотографии, аудио и аудио-визуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите; какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите; податоци со кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии, и од носители на функции во органите на власта.
Пријавување
ЦИВИЛ ги повикува своите набљудувачи и сите граѓанки и граѓани да пријавуваат кршење на изборниот молк.
Пријавите може да поднесуваат на веб страницата slobodniizbori.info или во Граѓанската пријава која лесно се наоѓа и со клик на банерот Стоп за лажните вести и говорот на омразата на интернет порталот civilmedia.mk.
Исто така, може да се пријавуваат нерегуларности по електронска пошта ([email protected]), во порака на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ или на телефоните: 02 / 5209 176 (в недела, од 7 наутро) и 070 699 580 (сабота, 30 октомври, од 12:30 часот напладне).