Шекеринска: Жалосно е што Ковачки и денес со голема леснотија ја отфрли армиската чест само за да служи на една мала група на луѓе

„Кога ДПМНЕ беа на власт поднесуваа кривични пријави за да ја заплашат јавноста, а сега ги поднесуваат за да ја замајуваат. Но мотивот за денешните пријави е друг. Нервоза е во прашање и тоа од две причини. Првата е што против лицето кое одлучи да биде партиски, а не армиски војник се води дисциплинска постапка поради закани кон началникот на Генералштабот на Армијата. Нешто што е незамисливо за офицер во било која Армија. Втората е што наскоро согласно измените во Законот за служба во Армијата, тој ќе треба да одлучи дали ќе ја соблече армиската униформа бидејќи му е поважна партиската.
Жалосно е што тој и денес со голема леснотија ја отфрли армиската чест само за да служи на една мала група на луѓе“, напиша министерката за одбрана Радмила Шекеринска на Фејсбук како одговор на прес конференцијата на Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, инаку полковник во Армијата.

„Оваа црна пропаганда против Армијата на сопствената татковина, во период кога постигнувањата се видливи на дневна основа, не се ништо друго освен непријателски чин против угледот на Армијата, довербата на граѓаните, но и атак врз безбедноста на земјата. Тоа е неприфатливо однесување од било кого, а најмалку од висок воен старешина“, додава Министерката Шекеринска во својот кус коментар на социјалните мрежи.

Ковачки, во име на својата партија, денеска соопшти дека се поднесени три кривични пријави до ОЈО, две против Шекеринска и една против раководно лице во министерството под сомнение дека се прекршени членовите 349 и 353 од Кривичниот законик, како и членот 103 став 1 и 3 од Законот за класифицирани информации. Ковачки побара одговорност и оставка од министерката за одбрана. Ковачки ѝ стана познат на македонската јавност како првиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи во техничката влада. Предлогот беше одбиен како противзаконски, но Ковачки продолжи со интензивни партиски активности, наспроти фактот што е активен воен старешина.

Б. Јордановска