Конечно заврши долгонајавуваниот „децениски“ дуел меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицковски. Според коментарите на социјалните мрежи, од дуелот и двајцата лидери излегоа како победници, а обичните граѓан(к)и и понатаму остануваат губитници! И по речиси два часа разговор, на крај сите прашања останаа без одговори...
Слушнавме како Мицковски негира дека има непотизам при неговото вработување во факултетот кај што работел татко му - „Јас му помагав на татко ми и секогаш ќе му помагам... Јас таму бев избран на тајно гласање, татко ми немаше никакво влијание“...
Само не слушнавме дали Мицковски бесплатно му помагал на татко му, како што „про-боно“ му помагаше на Никола Груевски...
Мицковски не ја испушти можноста да „удри ниско“ со тоа што го навреди премиерот Заев дека крадењето му е наследено и генетски од неговиот татко, кој крадел електрична енергија. На тоа Заев одговори - „Татко ми беше обвинет и се докажа на суд дека е невин“!
Се на сè, очигледно нè очекува политичка кампања со многу ниски удари.
Доказ за тоа е дека деновиве низ социјалните мрежи и порталите се врти фотографијата на синот на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановсјка Давкова, како свири на кавал во парк. Додека за едните е херој, други бараат да каже што всушност работи во животот, освен што во слободно време се бави со свирење кавал.
Се додека тој човек не направил кривично дело, нема потреба неговото име да се споделува на социјалните мрежи само колку да и се „наштети“ на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Куманово на трибината „Фер општество, шанса за сите“, една млада личност, толку го испофали премиерот Заев, што го „уби туѓ срам“, фалеше уште да и каже немој толку да ме фалиш, те молам!
Артан Груби се пофалил дека со подршката на Стево Пендаровски, всушност Албанците ќе добијат Гувернер. Но, не кажал дека мандатот на актуелната гувернерка истекува во 2025 година. Нејсе, брзо поминуваат 6 години.
Дехран Муратов