Петрит Сарачини, активист и дел од тимот на ЦИВИЛ, своето излагање на панел –дискусијата на тема „Национализам“ во рамки на Граѓанскиот форум на ЦИВИЛ, го започна со видео прилог „5 минути омраза“.
Причината зошто инспирацијата за 5 минути омраза од познатото дело „1984“, на Џорџ Орвел, како што објасни, е илустративниот приказ на начинот како отприлика функционира поттикнувањето на омразата и национализмот, како дел од дејствијата ,независно дали се политички или не, актери во нашата земја.
Можевме да видиме дека во предизборието, за време на изборната кампања, како и во постизборниот период темите што ги допираат меѓуетничките односи се високо поставени на медиумската агенда и на агендата на одредени политички, но и општествени центри што имаат одредено влијание на дискусијата во јавноста. Пред сè доминира национализмот и меѓуетничката омраза која се шири од неформални структури, што очигледно според содржините што ги објавуваат се блиски до одредени центри на моќ, кои се припадници на одредена политичка партија. Тоа е главниот извор на национализмот и говорот на омраза кој потоа се размножува низ јавниот дискурс“, вели Сарачини.
„Ако гледате во изминатите неколку години со падот на режимот на Груевски се намали меѓуетничката омраза, како тема на дискусија во јавноста, но тоа не значи дека тие се подобриле или дека национализмот не е присутен. Едноставно тој е поставен така од начинот како институциите работат сега. Тоа не е изразито етноцентричен како што беше пред три/четири години. Поради тоа општо е релаксирана атмосферата за да граѓаните не го чувствуваат тој притисок на меѓуетничките односи“, додаде Сарачини.
Сарачини предупреди дека еден од главните проблеми зошто е толку присутен и говорот на омраза и националистичката реторика е токму неказнивоста и недејствувањето на институциите, што резултира со преминување од вербален говор на омраза до повици на дела од омраза или физичко насилство.
„Видовме во 5 минутното видео како се поттикнува насилство, тепање, бесење… Обвинителството треба да ги следи овие објави и покренува постапки, судството да ги процесуира и финишира тие постапки, а полицијата треба да реагира на вакви повици. Видовме дека полицијата во одредени случаи реагира, а во други случаи не реагира. Ова во очите на граѓаните создава впечаток на селективна правда. Граѓаните треба да имаат чувство дека сите се еднакви пред законот, сите треба да имаат одговорност, но и да уживаат ист тип на заштита“, истакна Сарачини.
Политичките партии имаат силно влијание врз граѓаните и треба да бидат внимателни во начинот на кој комуницираат, смета Сарачини. Како што изјави многу влијаат политичките партии врз јавната комуникација, па така употребата на пцовки, вулгарности и слично, што нема врска со политичко делување, треба да се исфрли и да не се меша политиката коректност со домашното воспитување за учество во јавна комуникација пред десетици луѓе пред кои се појавуваат преку медиумите.
„Нам не ни се доволни институции што само живуркаат. Нам ни требаат институции што не само што се живи, туку функционираат, работат и го подобруваат општеството. Не смееме веќе да дозволиме да бидеме среќни што на нашата држава на нашите институции им чука срцето, а реално се во некоја институционална кома… Ние треба постојано да си ги унапредуваме стандардите и да си ги предизвикуваме своите уверувања. Да не живееме со тоа дека она што некогаш сме го научиле дека е апсолутната вистина. Потребна е постојана работа во институциите, образовниот систем, вклучување на медиумската писменост, критичкото мислење… во сите сегменти има простор да се развива соработка меѓу различните, да се поттикне критичкото мислење и да се дојде до нов тип на информации“, вели Сарачини зборувајќи за можни решенија во справувањето со националистичките наративи и говорот на омраза.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети