РЕАН САИТИ, новинар
Според извештаите на меѓународните организации, за време на пандемијата од КОВИД-19, во многу земји е загрозена слободата на известување и слободата на медиумите. Исклучок во овој правец не е ниту Северна Македонија. Како никогаш порано, во вакво време на криза, важна е транспарентноста и отчетноста на државните институции, како и праведното и точното информирање на медиумите.
Заради мерките на властите за ограничување на движењето и социјалната дистанца, прес конференциите на државните функционери преку он-лајн платформите, го ограничија правото на новинарите да поставуваат прашања, што се оценува многу важно за јавноста да се информира точно и праведно.
Со тек на времето и оваа аномалија претрпи промени, со вклучување на новинарите во живо на пресовите на државните функционери преку интернет платформите, но, сепак владее убедувањето дека овој начин не е толку ефикасен за добивање на информации од јавен карактер.
Во последниот извештај од „Репортери без граници“ Северна Македонија бележи напредок за три места. Како еден добар показател се посочува намалувањето на бројот на напади врз новинари, но од друга страна, во време кога медиумите треба да најдат нов живот во симбиоза со технолошките платформи, растат вербалните напади преку социјалните мрежи и агресивната реторика против новинарите. Да не заборавиме дека токму преку социјалните мрежи, како и на многу европски држави, се промовира и една голема недоверба кон медиумите, што се поддржува од екстремни политички струи.
Во многу извештаи на меѓународните организации се спомнува стравот дека ограничувањата кои сега се прифаќаат, заради вонредната состојба, може да се претворат во секојдневие и по укинувањето на оваа состојба.
Во време кога, како и целата земја, и медиумите се соочуваат со економска криза, не треба да функционира врската на медиумите со политиката. Саморегулација, избегнување на сензационализмот и непотврдените вести, но и транспарентноста на институциите, би биле „силно оружје“ против дезинформациите и лажните вести, кои за жал од почетокот на пандемијата во нашата земја, го контаминираа медиумскиот простор.