Родови права, правда и република… Изборна кампања, 13-ти ден

Биљана Јордановска

Изборна хроника на ЦИВИЛ, сабота, 13 април 2019

Сабота беше ден на жените низ призма на изборната кампања на кандидатите за претседател, барем кога станува збор за Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. Блерим Река, пак, не се откажа од промовирање на концептот Република против приватна и празна држава, водена од диктаторски партии.

Пендаровски учествуваше на граѓанска трибина со жените под мотото „Еднакви“.  Она што им вети на граѓанките е активно вклучување во секое поле од општествениот живот и дека тој ќе се залага за родова еднаквост и промоција на жените во политиката.

„Ќе назначам посебна советничка за родова еднаквост и промоција на учеството на жените во политиката. Како што веќе најавив, ова ќе биде еден од моите први 8 проекти, најавени за првите 8 месеци“, рече Пендаровски.

Значи, потребен е проект што ќе им обезбеди на жените права за кои до сега тие самите не се избориле? Потребни се бројки, статистики и истражувања? Хм, па тогаш, жени, што сте правеле до сега?

Како и да е, Пендаровски, преку правата на жените, вети еднакво општество за сите, заштита од родово насилство и еднаков пристап до образование, работа и здравство за девојките и жените.

„Мора да создадеме услови за секоја жена да има еднаков третман и услови за развој и напредок“, порача Пендаровски.

Според концептот на Пендаровски, потребно е помирување по сите основи, од родово, до етничко и политичко.

„Сложни внатре, со отворени врати за европските интеграции, да продолжиме напред со крупни чекори,“, изјави Пендаровски во Гази Баба.

На централниот, слабо посетен, митинг во Скопје, пред Владата на Република Северна Македонија, кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова, ги „заведуваше“ присутните со концептот дека татковината има потреба од жена, ги едуцираше присутните дека Македонија е именка  од женски род и ги потсети дека и таа е жена. И така, женски, ќе се бори за своите чеда, нејзините граѓани.

Се разбира, според неа, најболната промена е промената на името, на татковината, на Македонија, а баш сега дошло времето да се покажат женските способности.

Инаку, митингот започна со песната „Нешто да те питам бабо“. Сцената и говорите беа исполнети со главниот слоган на кампањата „Правда за Македонија“, со кој ВМРО-ДПМНЕ упорно бара правда, се разбира, само за себе, користејќи го „народот“ како изговор. А, да, и правдата да ти била жена.

Како што објасни Силјановска, таа не очекувала дека за правда ќе се бори на изборите, ама истражувањата и фокус групите така одлучиле. Кој знае на што се надевала професорката и кој знае кој сè учествувал во тие истражувања. Ама секако биле користени соговорници и материјали што не произлегуваат од нивното политичко и правно наследство.

Да не го заборавиме и третиот кандидат за претседател, Блерим Река, кој при својата посета во Гостивар рече дека е време за претседател Албанец.

„Во една република, нема давање на права, затоа што тие права се природни права на секој државјанин на оваа држава, а не на дискрецијата на оваа владеење која одлучува: на кого, кога, и колку права ќе му се дадат. Зачленувањето во меѓународни организации не е задолжително, но доброволно. Ние одлучуваме дали ќе станеме дел од нив“, изјави Река во Гостивар.

Или што ќе ни се ЕУ и НАТО со 500 илјади жители помалку, прашува Река. Со оглед, како што вели тој, дека ниту партиите ниту самите институции немаат капацитет да се справат со реформите, останува да се види што и дали Река ќе понуди нешто конкретно како решение за евроинтеграциите.

Или идејата е воопшто и да не се трудиме за ЕУ?

Мицкоски рекол ова, Заев изјавил она, овие способни, оние неспособни, жените или мажите, Македонци или Албанец, сите за еден и една за себе… а, граѓанките и граѓаните? На нив останува да преживеат уште едно фијаско од изборна кампања. А на ден на гласање? Уште една институционална битка за остварување на своето гласачко право.

 

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.