Првата антикорупционерка, Ивановска, отворено за борбата со непотизмот, независноста на ДКСК и други горливи прашања (2)

По обраќањето на претседателката на Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси на семинарот на ЦИВИЛ, „Транспарентност и одговорност во политичките процеси“, се отвори дискусија во која присутните поставуваа прашања на најразлични теми коишто се поврзани со работата на институцијата со која раководи таа.

На двочасовната дискусија Ивановска отворено, транспарентно и преку конкретни актуелни примери зборуваше за непотизмот и тоа како ДКСК ги истражува овие случаи.

„Во сите случаи на непотизам побаравме отворени критериуми во кои ќе има квалитет. Така ќе бидеме сите среќни и задоволни, оти за сите има место под сонцето. Прво прашање што го отворивме е непотизмот. Кај нас доаѓаат предмети од секаде, и сите ги гледаме, оти сите се важни. Во малите места тоа е уште повеќе изразено“ рече Ивановска, која наведе неколку примери од случаите за непотизам со кои работеле изминатиот период.

Билјана Ивановска, ДКСК, на семинарот на ЦИВИЛ / фотографија: Б. Јордановска/ЦИВИЛ

„Минатата недела ја објавивме одлуката за стоматолошки клиники и на директорката и поднесовме кривична пријава за злоупотреба. Првиот на листата на канидати има сто поени кој своето образование го завршил во Франција, и тој не е примен. А примен е некој господин со 49 поени. Ја викнавме директорката да образложи, а таа ни одговори дека така оценила врз основа на интервју кое траело еден час за сите тројца кандидати. Таа не ги зела предвид оценките-бодовите. Нема образложение зошто тие луѓе ги примила. Што е тоа ако не политичко влијание?“, прашува Ивановска, потенцирајќи дека денеска во ерата во која сите имаат Фејсбук, е многу лесно да се открие политичкото влијание.

За разлика од овој случај, Ивановска вели, дека во врска со случајот на ЕЛЕМ и ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, не утврдиле никакво влијание. Таа навистина ги исполнувала критериумите по сите основи, а биле испрашани и останатите кандидатки кои воопшто не се пожалиле на постапката за вработување.

Билјана Ивановска, ДКСК: „Инспекторите работат по чек-листа, ние влегуваме подлабоко. Ние ја гледаме целата постапка. Дали огласот бил транспарентен, дали соодветствува со систематизацијата, дали таа скоро се менувала за да се искреира работно место, така се утврдуваат тие работи...“ / фотографија: Б. Јордановска/ЦИВИЛ

Токму за оваа тема, беше заинтересиран и градоначалникот на Општина Росоман, Бранко Јанев, каде неодамна, директор на основно училиште од оваа општина „заработи“ преставка за злоупотреба на службена должност од ДКСК, за избор на наставник по физичко образование.

„И од второстепена комисија добиваме одговор дека е се во ред. Само ние и Народниот правобранител навлегуваме подлабоко во човековите права и слободи. Инспекторите работат по чек-листа, ние влегуваме подлабоко. Ние ја гледаме целата постапка. Дали огласот бил транспарентен, дали соодветствува со систематизацијата, дали таа скоро се менувала за да се искреира работно место, така се утврдуваат тие работи“, му одговори Ивановска на градоначалникот Јанев.

На двочасовната дискусија се постави и прашање за тоа како се гарантира анонимноста на пријавувачите и на кој начин граѓанките и граѓаните може да се охрабрат.

Ивановска повторно се повика на Законот за укажувачи, кој гарантира целосна анонимност и заштита. А во однос на охрабрувањето на граѓаните препорачува обуки за промоција на Законот за заштита на укажувачите.

Маја Ивановска
во соработка со Игор К. Илиевски
камера: Атанас Петровски
монтажа и фотографија: Биљана Јордановска


Семинарот „Граѓански објектив: Транспарентност и одговорност во политичките процеси“ е дел од истоимениот проект, финансиран од National Endowment for Democracy.

ЦИВИЛ во наредните денови ќе ги објави и последниот дел од излагањето Билјана Ивановска, како и излагањето на градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Повеќе информации за семинарот „Транспарентност и одговорност во полтичките процеси“:

Семинар на ЦИВИЛ за транспарентноста, одговорноста и разочарувањата

Бранимир Јовановиќ за (не)одговорноста во спроведувањето на владините реформи (1 дел)

Јовановиќ: Каде згреши оваа власт? (2 дел)

Бранимир Јовановиќ за можните излези од политичката криза (3 дел)

Ивановска, ДКСК, за транспарентноста и одговорноста во борбата против корупцијата (1 дел)


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

This post is also available in: English