Граѓанската иницијатива „Зелено Тафталиџе", синоќа повторно организираше протест во Општина Карпош, под мотото „Стоп за урбаната мафија!".
На протестот присуствуваа голем број жители од целата населба „Тафталиџе“. Тие се револтирани од односот на општинските власти, кои земјиштето до детското игралиште на улицата „Варшавска“ бр. 19 го отстапиле на приватен инвеститор, кој на истото планира да гради повеќекатница.
Незадоволството кај граѓаните е големо, бидејќи за овој проект ги нема консултирано никој од Општината, а зградата што ќе се гради, ќе граничи до самиот тротоар и е на мала оддалеченост од соседните згради.
Од иницијативата "Зелено Тафталиџе" побараа веднаш да се стопира со оваа градба, како и со сите останати од тој тип во целата општина, бидејки го пореметуваат секојдневното нормално живеење на граѓаните и придонесуваат за уништување на зеленилото во општината.
Претставници на граѓанската иницијативата истакнаа дека ќе организираат нови протести за да го спречат урбаното насилство и ги повикаа сите жители активно да се вклучат во нивните активности.
Текст и фото: Даниел Аврамов