Како што најави, пратеникот Кастриот Реџепи од БЕСА, во понеделникот на 15 номеври се појави на прес конференција за да ги објасни причините за неговото отсуство од собраниската седница на 11 ноември, на која требаше да се гласа за недоверба на Владата. Но, и покрај неколкукратните деманти од негова страна и пред и по 11 ноември, дезинформациите за негово наводно киднапирање продолжија.
На прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ на 15 ноември по 12.45 часот, портпаролот Арсовски изнесе тврдење во кое се обвинува премиерот Заев. „Киднапираше пратеник за да не гласа против неговата Влада како во најмафијашките филмови и молчи 4 дена како да тоа е најнормално.“, изјави Арсовски.
Ова трврдење на Арсовски дојде еден час по 11.45 часот, кога пратеникот Реџепи одржа прес-конференција во Собранието , на која образложи зошто се потпишал на иницијативата за гласање на недоверба на владата, а потоа не гласал за неа. И покрај тоа што Реџепи самиот и пред и по 11 ноември повеќекратно демантираше, дезинформациите од пресот на ВМРО-ДПМНЕ за негово наводно киднапирање повторно беа објавени од неколку медиуми.
Таков е примерот со текстот на Курир со наслов. „Арсовски: Измамник и пазарџија како Заев ниту имало, ниту ќе има“. Сличен наслов кој ги пренесува дезинформациите на Арсовски објави и порталот Макфакс: „(Видео) Арсовски: Измамник и пазарџија како Заев ниту имало, ниту ќе има“. И порталот Прес24 со наслов Каде ќе оди ВМРО-ДПМНЕ?, ја пренесува изјавата на Арсовски, кој му порача на премиерот Заев час поскоро да си замине,
„Киднапираше пратеник за да не гласа против неговата Влада како во најмафијашките филмови и молчи 4 дена како да тоа е најнормално. Срам нула“, се вели во изјавата на Арсовски пренесена од Прес 24.
И насловите „Кастриот е уценет човек“ на Инфомакс, како и текстот со наслов „Вака изгледа уценет човек“ на „Република“ пренесуваат тврдења на ВМРО-ДПМНЕ кои не се атрибуирани во насловот, а се продолжување на лавината дезинформации дека Реџепи бил „киднапиран“.
И лидерот и претеник на Левица, Апасиев продолжи да шири дезинформации за киднапирање на Реџепи.
„Киднапиранион Кастриот безочно ЛАЖЕ дека не знаел дека и Левица ќе биде на списокот. Јас сум потпишан 58-ми, а он три места подоле – 61-ви, на истиот лист! Слеп да не беше бе, уценето пратениче?“, вели меѓу другото Апасиев во Фесјбук статусот објавен вечерта на 15 ноември, кој исто така го пренесоа неколку медиуми
И по утврдување на неточноста на информациите за киднапирање, најголем дел од медиумите не објавија исправка, ниту се извинија за ширењето сериозни дезинформации во јавноста.
Уцената, грабнувањето и земањето заложници се сериозни кривични дела, затоа медиумите не треба да објавуваат непроверени информации без да изнесат цврсти докази. Објавувањето шпекулации за киднапирање или уценување на пратеник е сериозно кршење на Кодексот на новинарите, кој вели дека „новинарот треба да објавува точни, проверени информации“, како и дека „Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, демант и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата.