„Од повеќе различни места низ целиот град, до прес центарот на ЦИВИЛ пристигнуваат информации за растурање печатен материјал со црна пропаганда и повик да не се гласа, кој се дистрибуира во текот на денешниот ден. Набљудувачите јавуваат за сведоштва од граѓани дека активисти на одредена политичка партија ги посетуваат или се јавуваат кај гласачи со цел да ги убедат да не излезат на гласање. Тоа претставува грубо кршење на изборниот молк и притисок врз гласачите“ – соопшти Џабир Дерала на почетокот на прес конференцијата во 17 часот, посветена на изборниот ден во Штип и Пласница.
Неколку извештаи од набљудувачите на ЦИВИЛ јавуваат дека се забележани проблеми со Избирачкиот список, како и разместување на избирачките места. Исто така, се бележат и неколку избирачки места кои се недостапни за лицата со попреченост.
Од околу пладне, на денешниот ден на гласање, се бележи и синхронизирано ширење на тврдења на социјалните мрежи дека, наводно, на избирачките места гласаат и заболени од Ковид-19. Ова се совпаѓа со повиците да се бојкотираат изборите, односно се открива намерата да се предизвика паника кај гласачите и да се намали излезноста. Партиските активисти ја дистрибуираат оваа вест, а ја преземаат и дел од интернет порталите. Тврдењата не се поткрепени со докази.
Во 14 избирачки места се бележи нецелосно почитување на здравствените протоколи, односно дел од гласачите не се придржуваат кон правилата за одржување дистанца, а дел од нив маските ги носат под носот.
Дел од новинарскиот тим на ЦИВИЛ МЕДИА беше во обиколка на повеќе делови од Штип, при што и самите дојдоа до интересни сознанија, за што секако набрзо ќе има и видео запис.
Муратов од тимот на ЦИВИЛ МЕДИА раскажа дека оние избирачки места што екипата ги посетила биле обезбедени со полициски службеници, наспроти тврдењата дека изборниот ден минува без полициско обезбедување. Тој додаде дека сите гласачи со кои се сретнале се изјасниле дека гласале без никакви притисоци. Она што е забележливо во речиси сите избирачки места што ги посетиле, вели Муратов, е дека нема пристапни рампи за лицата со попреченост.
Како и да е, овој ден ќе го одбележи кршењето на изборниот молк со ширење на црната пропаганда и тврдењата непоткрепени со факти дека гласаат лица болни од Ковид-19. Остануваат уште помалку од два часа до затворање на избирачките места. Следната средба во живо ја закажуваме во 19 часот.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ