Антикорупциската комисија ќе иницира прекршочни постапки за градоначалниците на Општина Гази Баба и на Општина Штип за прекршување на Изборниот законик и на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.
На денешната седница на Комисијата делумно беше прифатен приговорот од ВМРО – ДПМНЕ за договорот склучен од страна на градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски со Агенција за обезбедување имот и лица во вредност од четири милиони денари, за физичко и патролно обезбедување на 11 основни училишта и две детски градинки. За склучениот договор, утврди Антикорупциска, се работи за финансиски средства предвидени во годишните јавни набавки, меѓутоа спорно е соопштението објавено за настанот од страна на општината и објавено во неколку медиуми, за што ќе се иницира и прекршочната постапка.
Прекршочната постапка против градоначалникот на Штип, Благојче Бочварски, е во врска со дистрибуција на дрва за огрев на четири социјално загрозени семејства и за Ј.П „Исар“, со помош на ЈП.„Македонија пат“ и „Македонски шуми“, како и ТТПЕ.
По приговор од ВМРО - ДПМНЕ, комисијата заклучи да се иницира постапка за утврдување одговорност за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – Скопје, која исплатила вкупно 77 милиони денари на над две илјади лозари за откуп на винско грозје од реколтата 2014-2015 година од приватните винарии „Повардарие“ и „Стефанс“. Според ДКСК не се работи за тековни, односно редовни исплати.
ДКСК по сопствена иницијатива ќе отвори и постапки за утврдување на фактичката состојба во однос на соопштението објавено на веб страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на 14-ти април дека се исплатени 27 милиони евра на 26.776 тутунопроизводители за реколтата од 2018 година.
ДКСК го отфрли приговорот од ВМРО – ДПМНЕ против в.д. градоначалник на општина Ново Село за вработување 10 општи комунални работници на определено време од 30 дена.
ДКСК по допрен глас ќе ја утврдува и фактичката состојба и ќе бара да се преземат понатамошни постапки од страна на Институцијата во врска со раководителот на одделението за хортикултура, Јово Темелковски во ЈП „Водовод и канализации“, кој на 16-ти април со маица од претседателскиот кандидат Стево Пендаровски се појавил во работните простории.