Тема на првата сесија од конференцијата за човекови права, правда и антикорупција „Следна станица: Европа“ е правдата и владеењето на правото. Учесници се Министерот за правда, Бојан Маричиќ, универзитетскиот професор Александар Спасов и претставникот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, кој воедно ќе биде и модератор.
Состојбите во правосудството, стратегијата за прочистување, реформите, дали има остатоци од Сваровски судството, дали (ќе) има правда во нашата земја, дали македонските институции имаат капацитет да се борат против хибридните закани? Што ќе се преземе на политички, правен и општествен план за да се санираат тешките последици од дејствувањето на овие лица наведени во Студијата... се дел од прашањата на коишто ќе се обидат да одговорат учесниците на првата сесија од конференцијата „Следна станица – Европа“, со наслов „Правда и владеење на правото“.
„Северна Македонија е во деликатна фаза на својот евроинтеграциски пат. И во претходниот и во сегашниот мандат, Владата покажува отвореност кон јавноста и граѓанското општество, а овие денови се навршуваат и 100 дена Влада во новиот мандат. Со оваа конференција ќе се отворат главните прашања во домените на правото и правдата, како и во борбата против корупцијата. Истовремено, ќе направиме обид со конференцијата да започнеме релевантна дискусија за овие прашања во јавноста, наспроти сегашните дневнополитички и теснопартиски надмудрувања на социјалните мрежи. Ова се теми за кои мора да се разговара отворено, со такт и со стратешки и стручен пристап, не со популизам, својствен за еден дел од политичките партии во земјава“ – изјавуваат од организацискиот тим на ЦИВИЛ.
Настанот се организира во рамките на Фестивалот на слободата (25 ноември – 11 декември), а во пресрет на Меѓународниот ден на човековите права (10 декември), во организација на ЦИВИЛ. Во временскиот период на одржување на Фестивалот, влегуваат и Меѓународниот ден на правата на лицата со посебни потреби (3 декември) и Меѓународниот ден на борбата против корупцијата (9 декември).
Конференцијата е дел од проектот „Европа е наш дом“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Фестивалот на слободата е мултимедијален настан во рамките на проектот „Граѓански објектив“, поддржан од National Endowment for Democracy (САД), како и од Програмата Цивика Мобилитас, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Конференцијата ќе биде емитувана во живо на Фејсбук страницата, како и YouTube видео каналот на ЦИВИЛ кој ги поканува медиумите и сите заинтересирани да ја следат и слободно да преземаат содржини кои произлегуваат од конференцијата.