Вчера, доцна попладне, во близина на селото Бојане, на планината Жеден изби оган. Огнот зафати голем дел од планината и се ширеше многу брзо, пишува граѓански новинар за ЦИВИЛ.
И покрај многубројните пријави до пожарникарната служба, таа на терен дошла доцна вечерта, а поради непристапноста на теренот, не биле во можност да интервенираат.
На веб-страницата на Владата на Република Македонија е објавена информација дека утринава во 8 часот екипи на скопската противпожарна бригада како и месното население започнале со гасење на пожарот, како и екипа на ШС Караџица.
„Пожарникарите беа присутни во селото до доцна навечер, но не можеа да реагираат поради тоа што огнот гореше на многу непристапен терен, високо на планината, каде нема пат, и нема можност за качувањето со автомобили дотаму. Пожарникарите беа повикани од локалната заедница на селото Бојане“, му изјавил жител на селото на граѓанскиот новинар.
Локалната заедница на селото Бојане, на својата Фејсбук страница синоќа објави: „Оган на планината Жеден!“. Ги повикаа пожарникарите, но и локалното население, да бидат подготвени за брза реакција доколку огнот продолжи да се шири кон селото.
Во моментов, ситуацијата на терен е смирена, а огнот полека се гаси.