-Јас ќе говорам за нашата работа и како гледаме ние на оваа појава, пред се во мое име, во рамките на мојата работа како уредник на Вистиномер и Критинк. Како што е познато, ние се бавиме со дебанкирање и раскринкување на дезинформации. Тоа е нашата основна работа, но тоа не значи дека не се бавиме и со објавување на позитивни наративи. Мислам дека тука дискусијата не е дали треба да се префрлиме на позитивната страна на работите, да ги шириме, да ги објавуваме нашите позитивни наративи, да не обраќаме внимание на оние што шират дезинформации итн., изјави уредникот на Вистиномер и Критинк, е-изданија на Фондацијата Метаморфозис, Владимир Петрески на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Автопатот со факти, одговорност и решителност наспроти беспаќето на опасните дезинформации“.
Од тоа како ќе се однесуваме на овој план, односно која тактика, која стратегија ќе ја примениме, зависи многу од темата и од публиката. Една од нашите главни дејности во последниве година-две, е справување со дезинформации за Ковид. Ние во Вистиномер и јас како главен уредник, сметаме дека дезинформациите кои така нагло и во толкава мера се појавија во однос на Ковид-19, беше многу важно да се справиме со нив директно, јасно и гласно да кажеме и да се повторуваме, да бидеме репетитивни, затоа што репетицијата е многу важна за ширењето на дезинформациите, и многу важно во факт-чекингот, значи многу важно да бидеме репетитивни и нон стоп да ја повторуваме вистината, особено кога станува збор за Ковид, каде што е во прашање јавното здравје, каде што се во прашање човечки животи.
Таа област, тој сегмент изискува такво, директно спротивставување на дезинформациите. Има други области, кои се однесуваат на други публики каде што ширењето на позитивниот наратив е многу важен. Потоа, во зависност од публиката, ете во Франција има студии каде што е работено со следбеници на ИСИС, но коишто се многу млади, тинејџери, и во рани дваесетти години. И многу е тешко ним да им го смените мислењето, со директно спротивставување на она во што веруваат. Психолозите што работат со нив, применуваат многу чудни методи, каде што бараат од нив да се вратат во детството. Да се вратат во оној период од нивниот живот кога имале семејство, кога се чувствувале безбедно, кога имале родители, кога имале луѓе што ги сакале, да се присетат на сцените, на мирисите од тој период, и оттаму да тргнат на градење на развој на една нова персона, и да ја тргнат настрана омразата што ја чувствуваат. Така што, многу зависи од публиката, и ние покрај проверката на факти, како основна дејност, затоа што сметаме дека е многу важна проверката на факти, има свои позитивни и свои негативни страни. И не сме очекувале никогаш, не очекуваме ниту сега дека тоа ќе биде целосно решение на проблемот.
Но, на пример, јас можам да ви го кажам следново, над 96,97 отсто од нашите рецензии, од нашите проверки на факти, што ги правиме секој месец, се оригинални. Сакам да кажам дека тие содржини што сме ги провериле, не ги проверил никој друг. Да не ги проверевме, немаше воопшто да ги има. Никој не ќе можеше да ги референцира, да ги пребара, да се информира итн.
Ние ќе продолжиме да работиме на проверката на факти, особено затоа што гледаме дека за тоа има многу интерес, и тоа пред се има интерес од социјалните мрежи. Социјалните мрежи се во една таква позиција што сакаат да ги тргнат дезинформациите од своите страници, и голема улога за тоа имаат хибридните закани, учеството на странски фактори, еве таа фамозна 2016 година кога тоа стана толку многу страшно, имаше една студија веднаш по изборите во 2016 година, каде што се покажа дека дваесетте најчитани вести со дезинформации, биле по читани од дваесетте најчитани кои биле вистинити. Во последниот месец пред изборите, во последните триесет дена пред изборите оние дваесет вести со лаги биле најчитани за разлика од оние дваесет вести кои биле вистинити! И тогаш се виде дека ѓаволот ја однел шегата. Исто, се појавија веб сајтови кои бараа независност на Тексас. Да, во Тексас секогаш имало некакви ставови и мислења уште од нивната граѓанска војна, Тексас да бил независен, арно ама сега одеднаш се појави многу организирано. Се појави високо професионален сајт кој беше поврзан со социјалните мрежи, но ако погледнете подлабоко, ќе видите дека јазичните грешки таму, одговараат многу на јазични грешки кои би ги направил некој чијшто матичен јазик му е словенскиот јазик. Потоа, ако видите кога се објавуваат содржините на тој вебсајт, ќе забележите дека деведесет отсто се постираат меѓу девет часот наутро, и пет часот попладне, значи во работно време, арно ама по московско време. Се појавија Фејсбук групи каде што се бараше независност на Калифорнија. Калифорнија била петта најголема економија на светот, и гледате дека работите одат таму каде што не треба.
Исто така, гледаме закани што се случуваат овде кај нас. Во секој случај, она што сакам да го кажам е, какви методи ќе употребиме во борба против хибридните закани, се разбира зборувам во однос на мојот домен, во однос на јавниот дискурс, не говорам за оние хибридни закани од областа на шпиунажа, саботажа итн. Тоа е сосема друга работа, ќе зависи од тоа, на кого се обраќа, која е главната публика за таа закана, и кој е методот за кој мислите дека ќе биде најефикасен, или онаа комбинација на методи која мислите дека ќе биде најефикасна.
Дијана Тахири
камера: Атанас Петровски
монтажа и реализација: Ариан Мехмети
фотографија: Игор Чадиноски