Панел на ЦИВИЛ: „Еднаквост, недискриминација и мултикултурализам во Северна Македонија: Состојби, предизвици и перспективи“

ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Еднаквост, недискриминација и мултикултурализам во Северна Македонија: Состојби, предизвици и перспективи“ денес , во хотелот Парк Резиденс (зад градскиот стадион) во Скопје,  со почеток во 13 часот.

Панелот е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година.

Какви се состојбите и трендовите во Северна Македонија во поглед на заштитата од дискриминација? Со кои предизвици се соочуваат институциите, заедниците, медиумите и општеството во целост во областа на меѓуетничките односи и заштитата од дискриминацијата?

Кои се перспективите на нашето општество во поглед на промоцијата на европските вредности, а во таа смисла и негувањето на еднаквоста и мултикултурализмот, како и заштитата од дискриминацијата во нашата земја? Тоа се дел од прашањата на кои ќе се обидеме да одговориме заедно со Вас на овој јавен настан.

Учесници на панелот ќе бидат Еран Куртиш, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Мерсиха Смаиловиќ, активистка, Ашмет Елезовски директор на Национален Ромски центар, и Џељо Хоџиќ од АОПЗ. Настанот ќе го модерира Дијана Тахири – ЦИВИЛ.

Во согласност со протоколите за заштита од Ковид-19, панелот ќе се одржи без публика, а на панелистите ќе им овозможиме да присуствуваат физички и онлајн. Настанот ќе трае 60 минути.

Настанот ќе се пренесува во живо на видео каналот и Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од настанот, ќе се објавуваат на ЦИВИЛ МЕДИА, медиумската платформа на организацијата, на македонски, албански и англиски јазик. Добредојдени се телевизиски екипи, со молба за строго придржување кон протоколите за заштита од Ковид -19.

Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0.

ЦИВИЛ