ЦИВИЛ денеска одржа панел дискусија на тема „Автопатот со факти, одговорност и решителност наспроти беспаќето на опасните дезинформации“. Учесници на панелот беа националниот координатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец, потполковник Александар Илиев, доцентот при катедрата за меѓународно јавно право, м-р Љупчо Стојковски и уредникот на Вистиномер и Критинк, е-изданија на Фондацијата Метаморфозис, Владимир Петрески.
„Мислам дека сите ние кои што се занимаваме професионално или како општествена одговорност со информации, со јавно комуницирање, со односи со јавност, со влијание врз јавноста, премногу, предолг период сме заглавени во справување со негативни појави, негативни влијанија како што се дезинформациите и дека заборавивме помалку кои се работите кои што треба да ги промовираме. Конечно видов во насловот зборуваме за автопат на одговорност, на отчетност, на одговорно комуницирање или пласирање на факти и информации, наспроти, јас би рекол, оние мрачни тунели на кои што се создаваат и се шират лажните вести кои што имаат за намера да предизвикаат опасност, штета врз јавноста и притоа стануваат дезинформации. Во оваа насока ме охрабрува и начинот на кој што НАТО во последните свои јавни стратешки документи ја дефинира својата улога во дезинформациите, па така НАТО во своите последни јавни определби по однос на стратешките комуникации вели: ние не сме препознаени или не сакаме да бидеме препознаени по она против што се бориме, туку по она за што се залагаме или по она што го промовираме и токму тоа е мојата теза денеска, дека општествените чинители кои што презеле одговорност и си ја зацртале својата улога дека ќе промовираат прогрес, факти, информации, напредок, соживот, дијалог, разбирање, мора многу повеќе да вложуваат во каузите „за“, отколку борбата „против“. Некогаш можеби тоа е едно исто, меѓутоа секогаш кога зборуваме за против и зборуваме за справување, одбрана и борба, во суштина тоа е начин на дејствување кој што многу повеќе ја заплашува широка јавност, отколку што ја охрабрува широка јавност на едно проактивно и прогресивно дејствување, истакна Националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Автопатот со факти, одговорност и решителност наспроти беспаќето на опасните дезинформации“.
„Дезинформациите се поврзани со повеќе закани за националната безбедност и тие може да имаат ефект на дезорганизирање на властите, да делуваат негативно врз процесот на донесување политичките одлуки, да создадат поделби и внатрешни судири во општеството, да создадат лажни очекувања и да ја намалат волјата на народот да пружи отпор на евентуален агресор. Дезинформациите честопати се испреплетени со теории на заговор и лажни научни наративи што го прави справување со истите комплексно прашање. Дополнително, интернетот и новите технологии како вештачката интелигенција и методи како користењето “тролови“ и “ботови“, овозможува дезинформациите да се шират глобално, брзо и со висок интензитет“, истакна потполковник Александар Илиев од Министерството за Одбрана на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Автопатот со факти, одговорност и решителност наспроти беспаќето на опасните дезинформации“.
Има различни дефиниции за хибридни закани и хибридни напади, но тие вклучуваат не само дезинформации туку многу повеќе. Вклучуваат и пропаганда, шпионажа, саботажа и класични напади, можеби не вооружени напади со употреба на сила како на времето што било класична војна, но некакви форми на закани на агресија, класични да речеме, затоа е и терминот хибридна војна што имплицира дека се е измешано помеѓу класични дистинкции помеѓу војна и мир, меѓу цивили и не цивили, војници поранешно, структурите кои се инволвирани во превенирање и реагирање на овие закани, порано што безбедносните сили, војска и армија па денес гледаме се повеќе потреба од инволвираност на цивилни структури и институции да соработуваат со класични безбедносни за да реагираат на овие хибридни војни. Проблемот со хибридни закани, хибридни напади, истиве дискусии се јавија пред десеттина години или повеќе, кога беа актуелни сајбер напади, денес со хибридни инкорпорирате сајбер напади ама се многу повеќе не само сајбер напади. Дискусиите се јавија дали сајбер напади и хибридни напади можат да активираат право на самоодбрана. Секако дека не можат да активираат и тоа е главната одлика на хибридни закани што одат под радарот, тие се по субверзивни во нивните функционирања и методи и штетата што ја прават за да може да се активира класично право на самоодбрана на државите. Сега државите остануваат со врзани раце како правно да дејствуваат, дозволено, истакна доцентот при катедрата за меѓународно јавно право, м-р Љупчо Стојковски .
„Ние ќе продолжиме да работиме на проверката на факти, особено затоа што гледаме дека за тоа има многу интерес, и тоа пред се има интерес од социјалните мрежи. Социјалните мрежи се во една таква позиција што сакаат да ги тргнат дезинформациите од своите страници, и голема улога за тоа имаат хибридните закани, учеството на странски фактори, еве таа фамозна 2016 година кога тоа стана толку многу страшно, имаше една студија веднаш по изборите во 2016 година, каде што се покажа дека дваесетте најчитани вести со дезинформации, биле по читани од дваесетте најчитани кои биле вистинити. Во последниот месец пред изборите, во последните триесет дена пред изборите оние дваесет вести со лаги биле најчитани за разлика од оние дваесет вести кои биле вистинити! И тогаш се виде дека ѓаволот ја однел шегата. Исто, се појавија веб сајтови кои бараа независност на Тексас. Да, во Тексас секогаш имало некакви ставови и мислења уште од нивната граѓанска војна, Тексас да бил независен, арно ама сега одеднаш се појави многу организирано. Се појави високо професионален сајт кој беше поврзан со социјалните мрежи, но ако погледнете подлабоко, ќе видите дека јазичните грешки таму, одговараат многу на јазични грешки кои би ги направил некој чијшто матичен јазик му е словенскиот јазик. Потоа, ако видите кога се објавуваат содржините на тој вебсајт, ќе забележите дека деведесет отсто се постираат меѓу девет часот наутро, и пет часот попладне, значи во работно време, арно ама по московско време. Се појавија Фејсбук групи каде што се бараше независност на Калифорнија. Калифорнија била петта најголема економија на светот, и гледате дека работите одат таму каде што не треба“изјави уредникот на Вистиномер и Критинк, е-изданија на Фондацијата Метаморфозис, Владимир Петрески на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Автопатот со факти, одговорност и решителност наспроти беспаќето на опасните дезинформации“.
Панелот е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година.
Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0.
Ирена Крџиќ
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Игор Чадиновски