Државната изборна комисија на денешната седница едногласно одлучи дека барањето на техничкиот министер за внатрешни работи Наќи Чулев за назначување на раководна позиција во СВР Скопје не е акт кој се однесува на правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организација на избори.
„Оваа спорно решение за кое министерот за внатрешни работи бара мислење е донесено врз основа на член 44 од Законот за Влада на РСМ во кој се дефинирани правата и должностите на министерот за внатрешни работи. Овие права и должности не се однесуваат на акти и документи кои ги донесува министерот на МВР, а се однесуваат на правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организирање на избори“, објасни Елизабета Постоловска, член на ДИК.
„ДИК не е надлежна по ниту еден основ да дава мислења за примената на законот за Влада, уште помалку да дава толкување на тој закон за вакви конретни решенија. ДИК не е таа кој ги определува ниту надлежностите на министерот за внатрешни работи ниту на друг министер, ниту на, во конкретниот случај на дополнителните заменици министри“, дополни Борис Кондарко, член на ДИК.
„Одлуката на ДИК е конечна“, заклучи Деркоски по гласањето за усвојување на мислењето побарано од Чулев во однос на решението за назначување на Ристо Ставревски за раководител на СВР Скопје.
ДИК се раководи според членот 48 од Законот за Влада кој ги опфаќа членовите 46 и 47 од истиот, но не и 44 на кој се повика Чулев при барање мислење.
„Тоа е изворна надлежност на министерот од членот 44 и тие именувања не подлежат на активностите што се дадени од членот 46, 48 и понатаму 47, кои се однесуваат на организација на изборите“, објасија од ДИК, а Деркоски додаде дека за именување на Ставревски не е потребен втор потпис, повикувајќи се на став 4 и 6 од членот 44.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов