На петтиот ден на предизборната кампања за претседателските избори веќе се забележува нов стил на однесување на партиите. За прв пат во историјата на државата, улиците, ѕидовите и бандерите нема да трпат последици со години како што беше во минатото.
Булеварите веќе не се покриени со знамиња како на претходните избори, а ги нема ни постерите кои се лепеа насекаде што по изборите никој не се сеќаваше да ги отсрани и да ги врати ѕидовите во чиста и нормална состојба.
А кога сме кај ѕидовите, веќе ги нема ни фамозните графити со бројот на кандидатите или партиите, името на кандидатот или политички пораки. Не ретки беа и негативните пораки или црната пропаганда која се спроведуваше преку разни графити напишани со спреј, а дел од нив сè уште може да се видат и до ден денеска.
Често пати еден графит се мешаше со друг, се шкртаа броевите за заокружање бидејќи под името на партијата е бројот кој го носеле на претходните избори, а графитот сеуште неисчистен. Партиските знамиња во минатото висеа насекаде. Немаше слободна бандера низ главните булевари на сите градови, а често пати просторот за истакнување на знаме беше и причина за предизборни инциденти.
Активисти се степале кој прв ќе стави знаме, кој прв ќе лепи постер во некој слободен простор во ѕидовите и слично. Дали партиите ќе се стрпат до последниот ден и за прв пат ќе имаме избори без долги последици по изгледот на нашите градови и села.
А. Зеќири