ЦИВИЛ – Центар за слобода, денеска во хотелот „Сити Парк“ додели пет награди за најуспешните и највлијателните стории на граѓански новинарки и новинари. Овие награди се првите од третата година на долгорочниот проект „Граѓански објектив“.
Комисијата на ЦИВИЛ – Центар за слобода на 2о декември 2017 година, ги разгледа и оцени пристигнатите материјали за натпреварот „Биди граѓански новинар” и ги награди петте најуспешни, највидливи и највлијателни стории.
Една од двете четврти награди е доделена на дваца млади граѓански новинари кои неодамна станаа дел од единицата ЦИВИЛ Млади, Стефан Саздовски и Давид Стојановски. Наградена е анкетата посветена на 29 ноември, некогашниот празник на поранешна Југославија - денот на Републиката.
Втората четврта награда замина во рацете на Денис Јанкуловски за видеото #БарамОдговор кое е посветено на Државната изборна комисија, оставките на членовите на комисијата и бонусите кои тие си ги делеле во текот на изминатата година.
Третата награда е доделена на Дамјан Темков за сторијата „Чуму забрана ако не се почитува“, видео сторија за непочитувањето на забраната за автомобили на Водно за време на викендите, една од мерките на градоначалникот Шилегов во борбата против енормното загадување во Скопје.
„На улица - Џон Кенеди, Чаир“ е видео-сторија на Ајдин Шерифи во соработка со ЦИВИЛ Медиа, која ја доби втората награда.
Првата награда, овој пат ЦИВИЛ ја додели на граѓанската новинарка Даниела Мирчевска за сторијата „Итен случај заглавен на паркинг“ која се однесува на проблемот со движењето низ улиците на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, којшто многу често е на штета на пациентите кои како итни случаи интерклинички се пренесуваат од една на друга клиника.