ЦИВИЛ – Центар за слобода вчера во хотел Сити Парк ги додели наградите за најуспешните стории на граѓански новинарки и новинари за изминатите два месеци.
На церемонијата на доделувањето на наградите присутните се запознаа со проектот Граѓански објектив, кој според зборовите на претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, е проект на сите општествено свесни и активни граѓанки и граѓани.
Двете четврти награди овој пат заминаа во рацете на граѓански новинари од Тетово и Битола. Потресната сторија за трагичниот пожар во Тетово во кој животот го загубија мајка со своите четири деца на граѓанскиот новинар Перо Наумовски и написот на граѓанскиот новинар Марјан Николовски од Битола, кој пишуваше за гротескната ситуација во која УЈП го затвори УЈП во Битола, ги поделија овие две награди.
Третата награда овој пат ја доби неформалната единица ЦИВИЛ Млади, „за нивната неуморна заложба и комплетна распродаденост во средните училишта во Скопје“, каде изминативе месеци организираа дебати со своите соученици на различни општествени теми кои ги засегаат младите во оваа држава. Овие дебати на тимот на ЦИВИЛ Млади во соработка со Македокс продолжуваат и понатаму, а тричлената жири-комисија на ЦИВИЛ со оваа награда одлучи да им оддаде почит за неуморните заложби, но и поттик за понатамошна работа.
Сторијата за бездомникот кој беше избркан од автобус на ЈСП со помош на специјалци е сторија која предизвика многу бурни реакции во јавноста и која ЦИВИЛ овој пат ја награди со втора награда.
Првата награда, за која покрај тричлената комисија одлучуваше и комисија во поширок состав овој пат отиде во рацете на тимот на ЦИВИЛ и граѓанските активисти кои помогнаа за разоткривање на еден мрачен скандал во институциите надлежни за згрижување на деца и бездомници „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“, случајот со 11 годишната штитеничка која е жртва на сексуални злоставувања и сексуална експлоатација.
Во име на сите наградени наградата ја подигна новинарот, активист и член на тимот на ЦИВИЛ, Дехран Муратов. На церемонијата тој изјави дека оваа награда ја посветува на оние кои се најзаслужни, односно лицата кои собраа храброст јавно да проговорат за монструозните случувања во овие институции.