Над 120 случаи на оркестриран политички и етнички говор на омраза и лажни вести во мај и јуни

Фокусот на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ во периодот мај-јуни 2021 беше структурираното следење на говорот на омраза и лажните вести на социјалните мрежи и електронските медиуми. Во овој период детектирани се над 120 содржини на медиумски онлајн платформи и на социјалните мрежи, од кои Мониторинг тимот на ЦИВИЛ обработи 40 случаи. Повеќето беа содржини кои ширеа и поттикнуваа говор на омраза, а содржините за ширење на лажни вести беа во помал, но не помалку значаен број.

Освен вообичаените и познати профили и страници на Фејсбук и Твитер специјално дизајнирани исклучиво за ширење говор на омраза, дезинформации, лажни вести и тенденциозна политичка пропаганда, се следеа веб страници кои се блиски до одредени политички партии, но и веб страниците на традиционалните медиуми, каде што се забележува далеку помал обем на вакви содржини, и тоа претежно во коментарите на публиката.

Говор на омраза – доминантно кон политички актери или јавни личности чии ставови предизвикуваат вирални реакции кај публиката на социјалните мрежи

Случаи со содржини, преку кои се врши оркестрирано ширење на говор на омраза и предизвикуваат реакции и коментари на корисниците, беа забележани на Фејсбук профилот „ЛеЛе“, кој за кратко време има над 10.000 следбеници, од кои најголемиот дел се истите посетители на веќе добропознатите Фејсбук странци „Cyber Club Ludata Joci“, „Налет да се сторите“, „Види Види“ и „Cicki.mk“ што укажува на можна поврзаност на овие профили и страници.

Во еден од анализираните случаи, се работи за преземен Твитер пост од профилот Седи Перо објавен на 9 јуни 2021, каде е прикажана илустрација на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Димитров, како „ЕУ поробувачи на Северна Македонија“ со знаме со нацистичка свастика. Постот на Фејсбук предизвика 14 лајкови од публиката, но објавата на Твитер предизвика далеку поголемо внимание,  добивајќи дури 140 допаѓања и 39 ретвитови (споделувања).

Во друг случај, Фејсбук страницата Cicki.mk на 9 јуни споделува фотографија со членови на СДСМ и коментар: „Кој е Северџан, педер, изрод, предавник и е спремен да си ја продаде мајка му за лубриканти нека дигне рака!“ Меѓу оние што ја шеруваат фотографијата се Фејсбук страниците „Cyber Club Ludata Joci“, „Kukuzel“, „Поддршка зa Премиерoт Никoлa Груевски – никогаш не прифаќаме негова оставка“.

На 10 јуни, прес-конференцијата на вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, која беше пренесувана на ТВ Сител и Фејсбук страницата на оваа национална телевизија, предизвика коментари со говор на омраза од следбениците на Фејсбук страницата, кои беа упатени кон Николовски и неговиот изнесен став на поддршка за одлуката на Белата куќа да ја прошири таканаречената „црна листа“ со корумпирани политичари и активисти кои дејствуваат против Договорот од Охрид и Преспанскиот договор.

 

Меѓу примерите со етнички мотивиран говор на омраза, како интересна ја издвојуваме објавата на ФБ страницата Cyber Club Ludata Joci,  во која се шири говор на омраза против Албанците, и тоа надоврзувајќи се на говор на омраза преку споделен скриншот, каде се гледа фотографија од протест на ВМРО-ДПМНЕ и коментар од Албанец кој луѓето на протестот ги нарекува „кучиња“.

Во објавената содржина која го коментира овој скриншот се вели:  „За шиптарите Македонците се кучиња? Што значеше едно општество за сите? Можеби сега анти-националистот зелениот Аљи ќе може да одговори што велите?“. Овој пост е потоа споделен и од Фејсбук страниците „Јован Кукузел“, „Поддршка за Премиерот Никола Груевски – никогаш не прифаќаме негова оставка“, „Налет да се сторите“, што повторно упатува на поврзаност и оркестрирано дејствување на овие Фејсбук профили и страници.

Во еден друг случај, пак, Cyber Club Ludata Joci преку линк во живо на Фејсбук ја споделува емисијата „Само Вистина“ на Телевизијата Канал 5 во која дебатираа активистката Ирена Цветковиќ и актерот Сашо Тасевски, со очигледна цел да предизвика говор на омраза кон активистката. „Македонија е традиционално, конзервативно и ПАТРИЈАРХАЛНО општество и никој нема право да им ги мие мозоците на децата со неморални вредности помогнати од Сорос“, се вели во коментарот, на што се додава дека Сашо Тасевски ја „расчеречил“ неговата соговорничка на дебатата. Постот е потоа оркестрирано споделуван од Фејсбук профилите и страниците „ЛеЛе“, „Cicki.MK“,„Слобода или Смрт“,„Sekula Vojvoda Fan Club“,„Makedonija na Makedoncite“,„Kukuzel“, „Види Види“, „Јован Кукузел“, „Поддршка зa Премиерoт Никoлa Груевски – никoгaш не прифaќaме негoвa oстaвкa“,„Налет да се сторите“.

Сличен случај беше забележан на ФБ страницата „Cicki.mk“, во која се напаѓа аналитичарот Петар Арсовски и се нарекува „дебела свиња“, и се квалификува како „најголем предавник“ на државата. Инспирацијата е самиот наслов на изјавата на Арсовски за „Слободен печат“: За да се обвини некој за предавство, прво треба да се направи предавството. Повторно, и кај оваа содржина се забележуваат вообичаените шерувачи – ФБ страниците „Cyber Club Ludata Joci“, „Јован Кукузел“, „Поддршка за Премиерот Никола Груевски – никогаш не прифаќаме негова оставка“.

Друг пример на говор на омраза на овие поврзани Фејсбук страници беше забележан во објава на Cyber Club Ludata Joci , каде преку дезинформации за активистката Мерсиха Смаиловиќ се поттикнува говор на омраза базиран на нејзините религиски убедувања. Постот е шеруван 6 пати, има 93 лајкови и 36 коментари. Смаиловиќ е „обвинета“ дека нејзината религија е само изговор за „земање пари од саудиски вахабисти“.

Уште еден пример на оркестрирано споделување од оваа група на поврзани ФБ страници и профили е забележан на „Cicki.mk“ преку споделен видео инсерт од средбата меѓу Зоран Заев и Ердоган каде доаѓа до забуна во поздравувањето, што оваа Фејсбук страница го користи за навредување на премиерот Заев и негово прикажување во очите на јавноста како „неспособен“ лидер. Под објавата можат да се забележат вообичаените коментари со говор на омраза.

Лажни вести – на удар реформите во образованието и воведувањето на сексуална едукација, одлуката на САД за проширување на „црната листа“, меѓуетничките односи

Лажна вест за министерката за образование, Мила Царовска и граѓанската организација ХЕРА, беше забележана Фејсбук групата „Образовни реформи“, зад која стојат организаторите на Инцијативата „Учебници и настава мора да има“, кои протестираа против дигитализација во образованието, па дури и собираа потписи за референдум за ова прашање.

Имено, меѓу барањата што Иницијативата ги доставува до неколку министерства, е и врската меѓу министерката Царовска и организацијата ХЕРА, со цел да се обвини Царовска дека има наводен судир на интереси и корупција, како еден од основачите на организацијата. За таа намена се користи скриншот од 2012 година. Веста ја пренесува и интернет порталот Опсервер. Намерата да се рашири што повеќе веста за можните судири на интереси го постигна својот ефект, со 36 шерувања и десетици лајкови.

На листата ширачи на неточни вести се најде и ТВ Сител, пренесувајќи ја лажната вест на  отец Стеван Здравески дека во вакцините има клетки на абортирани деца.

 

Подоцна веста беше повлечена на сајтот на телевизијата, но истата одеше и во централните вести на ТВ Сител. Од изјавата се огради и МПЦ, велејќи дека овие ставови не се во согласност со православната вера.

Освен честото ширење содржини што предизвикуваат говор на омраза, Фб страницата „ЛеЛе“ се наоѓа на листата и на ширачи на лажни вести. Пример за тоа е пренесувањето на ФБ статус на извесен Игор Цветковски, реален профил, во врска со значењето на Преспанскиот договор и негово дискредитирање, паралелно со Охридскиот рамковен договор, со цел да се прикаже дека Северна Македонија е жртва на странските политики, пред сѐ оние на САД. На профилот на Цветковски има 11 шерувања и 59 лајкови и 1 коментар. Но, затоа на ФБ страницата „ЛеЛе“ сите коментари се во стилот на „Никогаш Северна, само Македонија“, со споделување на фотографии со карти на „обединета Македонија“.

Истото се забележува и кај Фејсбук профилот Јован Кукузел , кој шири лажна вест за американскиот претседател Џо Бајден.  Веста е лајкната 77 пати, шерувана 57 пати и има 20 коментари.  Целта е да се покаже поинаква слика за мотивот на Џо Бајден за донесувањето на Извршна наредба за блокирање на имот и запирање на влез во Соединетите држави на одредени лица кои придонесуваат за дестабилизирачка состојба во Западен Балкан покажувајќи го на фотографија каде неговиот костум е фотошопиран со албанското знаме.

Заклучоци и препораки на Мониторинг тимот на Цивил

Продолжувањето на оркестрирано објавување на содржини со говор на омраза и дезинформации продолжува со несмалено темпо и во период кога е медиумската продукција е вообичаено намалена, што укажува дека дел од политичките табори се веќе влезени со полна пареа во кампања за претстојните локални избори. Сепак, од самиот избор на „теми“ на оркестрираната пропаганда, воочливо е дека и оваа кампања ќе биде доминирана од теми кои не се поврзани со локалните потреби на граѓаните, туку со големите национални и интернационални теми. Повторно на удар ќе се најдат Преспанскиот договор, Охридскиот договор кој годинава одбележува 20 години од потпишувањето, односите меѓу светските сили, меѓунационалните односи во земјава, нападите над граѓанските активисти и организации.

Цивил препорачува зголемена будност и побрза реакција на надлежните органи за адресирање на говорот на омраза кој е кривично дело. Но, истовремено, зголемена будност треба да има и кај професионалните медиуми, кои и покрај значајното подобрување и далеку помалиот обем на дезинформации и говор на омраза, треба да посветат поголемо внимание во проверка на вестите и модерирање на коментарите со говор на омраза на публиката на нивните страници на социјалните мрежи.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ
Извештајот го подготви: Биљана Јордановска
Уредил: Петрит Сарачини