На „зелената“ конференција под наслов „Зелено општество за сите“ во организација на ЦИВИЛ ќе се говори за зелените вредности, антинационализмот, социјалната правда, медиумите и дезинформациите. Се работи за годишна конференција за зелените вредности што се одржува веќе пет години по ред на крајот на октомври. Овогодишното издание на конференцијата ќе се одржи во четврток, 28 октомври, со почеток во 12 часот, хотел „Парк Резиденс“ (зад фудбалскиот стадион), сала „Њујорк“.
Како и секоја година, на „зелените“ конференции на ЦИВИЛ говорат претставнички и претставници од граѓанското општество, институциите, владата, политичките партии и иницијативи од земјава, како и од регионот. Како и минатата, ковид-година, и оваа конференција на ЦИВИЛ се одржува во вонредни услови – меѓу два изборни круга на локалните избори што се одржуваат во земјата.
Единство на идеи и акција за зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда се темите на кои говорничките и говорниците ќе ги претстават своите ставови, анализи и искуства. Меѓу говорниците се и универзитетската професорка Мирјана Најчевска, активистката Мерсиха Смаиловиќ, Благица Димитровска од невладината „Инклузива“, претседателката на партијата ДОМ, Маја Морачанин, Астрит Истрефи од Балкан Форум, Косово, националниот координатор за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски, Слаѓан Пенев од Форум ЦСРД, Милош Димитровски од Извор – Кратово, новинарските ветерани Зоран Иванов и Александар Николиќ Писарев, Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис, Петрит Сарачини, Дехран Муратов, Дијана Тахири и Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
претставници од невладини организации од земјата и регионот, владата, како и аналитичари, соработници и членови на проектниот тим на ЦИВИЛ.
Конференцијата ќе се емитува во живо, на Фејсбук страницата и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Настанот е дел од истоимениот проект кој го имплементира организациската единица ЗЕЛЕН ЦИВИЛ, во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.