Муцунски со „кратки нозе“, дали Аеродром прв пренаменува маркици за згради во паркови?

На 9-ти ноември, новиот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски објави Фејсбук статус со тврдење: „Аеродром – прва општина што пренаменува маркица од згради во паркови!“.

 

Овој Фејсбук статус и тврдење на Муцунски веднаш потоа осамна како текст на повеќе портали, без да се направи проверка на информацијата. Таков е примерот со порталот „Локално“, кој објави содржина со наслов „ Муцунски: Аеродром e прва општина што пренаменува маркица од згради во паркови“. Порталот Лидер објави содржина со наслов:  „Муцунски: Аеродром – прва општина што пренаменува маркица од згради во паркови!“. Сличен наслов објави и порталот „Курир“,  Муцунски: Аеродром – прва општина што пренаменува маркица од згради во паркови!, како и порталот „Фактор“, кој објави содржина со наслов:  Mуцунски: Аеродром – прва општина што пренаменува маркица од згради во паркови.

Меѓутоа, насловите од повеќе медиуми објавени пред само два месеци месеци, на 30 август 2021, укажуваат дека Аеродром не е прва општина што пренаменува маркица од згради во паркови. На пример, порталот „Нова ТВ“ на 30 август објави содржина со наслов: „Општина Карпош избриша четири маркици за згради со новиот ДУП, а запиша два парка. Порталот „Локално“ објави наслов: „Карпош избриша 4 маркици за згради за два нови паркови и објект за државни институции“. „НАМЕСТО ЧЕТИРИ ЗГРАДИ, ЌЕ ИМА ПАРКОВИ И ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ – Општина Карпош избриша четири маркици“, напиша порталот Фактор.

Интересно, меѓу порталите што објавија дека Аеродром е прва општина што брише градежни маркици за паркови се најдоа и дел од оние што во август објавија за слична таква постапка на општина Карпош.

Оваа постапка укажува дека медиумите честопати, од брзање или од други причини, објавуваат тврдења на политичарите без да ги проверат, ако ништо друго, барем во нивните архиви. А наместо вакво брзање и невнимание, публиката од нив очекува вистина, факти, и проверка на секоја информација пред нејзино објавување. Само на тој начин медиумите можат да ја задржат и да не ја изгубат довербата на публиката.