На 17 ноември, во интервјуто за „Топ Тема“ на Телма, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, меѓу другото зборуваше и за собраниската седница за гласање недоверба на Владата на 11 ноември, неуспехот на опозицијата да обезбеди мнозинство и отсуството на пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи.
Мицкоски прво вели дека е тоа лична одлука на пратеникот кој се премислил, дека ја почитува и нема повеќе намера да зборува за неа:
„…Фактот е дека имавме 61 потпис од пратениците коишто заедно со допис беа доставени до претседавачот во парламентот. Во меѓувреме, еден од тие пратеници одлучил, ете да верува во тие вредности во кои самиот тој кажува и да не се појави на седницата… / Но, во ред, ете тој се премислил, одлучил да постапи така како што постапил, и јас го почитувам тоа и немам намера повеќе што да зборувам по таа негова постапка…“
Но, неколку минути подоцна, Мицкоски повторно почна да тврди дека пратеникот не се премислил, туку дека бил киднапиран:
Мицкоски: Не велам дека не е легитимно вие да киднапирате пратеници, потоа да им давате текстови да читаат пред камера на бела позадина, па потоа да ги убедите да излезат во јавност, и така натаму…
Новинар: Па имате доказ за тоа?
Мицкоски: Јас доказ немам. Јас доказ немам, но имате ли вие доказ дека не било…?“
Инаку, ова не е првпат во овие денови Мицкоски да си противречи сам на себе за ова прашање. Да потсетиме, тој беше дел од опозициските политичари кои од 11 ноември и недоаѓањето на Реџепи во Собранието тврдеа дека тој бил киднапиран и дека заради тоа нема мнозинство за гласање на недоверба на владата.
„Динамичен ден. Киднапиран пратеник, криминал, уцени, срам, и нормално најголемата желба на СДСМ-ДУИ да ме немало во политиката…“ – објави Мицкоски на Фејсбук вечерта на 11 ноември, по видео-обраќањето на пратеникот Реџепи, а пред завршувањето на седницата за гласање на недоверба на владата.
Но, на 16 ноември, еден ден откако Реџепи излезе на прес-конференција, Мицкоски гостуваше на српската „ТВ Хепи“, каде кажа дека еден пратеник „се предомисли“.
„За жал не успеавме, така е, и покрај тоа што имавме 61 потпис, што е апсолутно мнозинство во македонскиот парламент, но ете, еден се предомисли кој пред тоа, пар денови пред тоа, мислам недела дена пред тоа се потпиша на тој список.“
На 17 ноември, пак, пред неговото вечерно гостување на Телма, во изјава за медиуми на настан во Кисела Вода, Мицкоски повторно тврдеше дека имало „буквално киднапиран“ пратеник кој под присила давал изјави:
„Профилот е јасен, на човек којшто е практично киднапиран, и којшто под присила мора да дава изјави такви какви што дава…прво треба да имаме одговор на прашањето што се случи со пратеникот кој беше буквално киднапиран, не можеше неговото семејство да стапи в контакт со него“
И покрај тоа што и самиот Мицкоски во „Топ Тема“ призна дека нема докази за тврдењата кои потоа и сам си ги демантираше, некои медиуми продолжија со ширење на овие дезинформации. „Република“ објави содржина со наслов: „Мицкоски: Власта сама себе се бојкотираше, пратеник како во Боливија читаше напишана изјава, а во позадина бел ѕид “ , во која има фотомонтажа на Реџепи како киднапиран од Заев и Ахмети со автоматско оружје.
Видовте и сами, Мицкоски во интервјуто, а и пред тоа, тврдеше дека пратеник бил киднапиран, па се премислил, па бил киднапиран, па сам одлучил да не дојде на седница, па пак бил киднапиран! Останува само да видиме, дали Мицкоски ќе се договори – со Мицкоски.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски
Соработка на содржините: Мониторинг тим на Цивил