Мактел и Апасиев со „кратки нозе“, за рушењето џамии и за „исламизација“ на државата

Порталот „Мактел“ објави содржина со наслов: (ВИДЕО) ШОКАНТНО ВИДЕО КРУЖИ НА ИНТЕРНЕТ: АПАСИЕВ СЕ ЗАКАНУВА ДЕКА ЌЕ ГИ РУШЕЛ ЏАМИИТЕ ВО ЗЕМЈАВА, МНОГУ ГЛАСНО ПЕЕЛЕ ОЏИТЕ, МУ СМЕТАЛЕ?!?!, кој сугерира дека во објавеното видео од Фејсбук, лидерот и пратеник на Левица се заканува со рушење џамии.

 

Во видеото што го пренесува „Мактел“, има поранешна изјава на Апасиев од гостување во емисијата „Само вистина“ во која зборува за „исламизацијата“ како проблем. Во изјавата, Апасиев апсурдно тврди дека „цела држава е исламизирана“.

„Кај нас што е проблем? Па гледајте ја цела држава е исламизирана. Оџи пејат како во Исламска република. Тебе во 4 саат те буди оџа, или само мене ме буди? Ти не ја гледаш исламизацијата што се случува овдека – од Бит Пазар натаму?“, вели Апасиев во видеото.

Се разбира, изјавата на Апасиев дека „цела држава е исламизирана“ не ја поминува проверката на факти, а во неа има елементи за поттикнување дискриминација врз основа на вера. Но, во изјавата нема никакви елементи на закана за рушење на џамии.

Оттаму, сензационалистичкиот наслов, иако завршува со „?!?!“, содржи неосновано тврдење дека Апасиев се „заканува дека ќе ги рушел џамиите во земјава“ кое воопшто не може да се поткрепи со никакви факти.

Сензационалистичките наслови и тврдења како овие на „Мактел“ и Апасиев предизвикуваат штета во јавноста, не само затоа што содржат фактички незасновани тврдења, туку и затоа што имаат потенцијал да потпалуваат религиозни и политички страсти. Затоа, Граѓаните треба да бидат внимателни и да ги отфрлат ваквите дезинформации чија намера е да ги доведат во заблуда преку заплашување и поттикнување на омраза.