Активистката Мерита Максути на Конференцијата „Меѓу стремежите и реалноста“ која е дел од активностите за одбележување на 20 годишнината на ЦИВИЛ, зборуваше за состојбите во граѓанското општество во изминатите години, со посебен критички осврт и препораки за тоа каде треба да се движи граѓанскиот сектор во наредните години.
„Сите ние кои се сметаме за активисти, за дел од невладиниот сектор и се бориме на таа линија имаме должност да бидеме вистински оригинални. Повеќе ми се допаѓа англискиот збор genuine, мислам дека повеќе го отсликува она што сакам да го кажам.
Да ги претвориме нашите стремежи во реалност, а не да се водиме по нечии агенди и туѓи стремежи затоа што така е полесно.
Каква ни е реалноста? Тука има многу за зборување. Во последните декади на создавање и дефинирање на секторот, како условно кажано едукација на истиот, напредокот е секако евидентен и добредојден. Факт е дека цивилниот сектор се исполира и стана пософистициран во настапот, но сметам дека треба се уште да се работи на критичкиот став на истиот, кој извесен период како да го снема.
Мене ме мачи тоа што се случува намерно „губење во преводот“ во однос на зацртаната цел што сакаме да се постигне. Мислам дека постојано треба да се прашуваме, која ни е целта и зошто сме тука? Колку што успеавме да се освестиме, толку и успеавме да го загубиме патот и способноста да правиме разлика меѓу целта и каузата, меѓу конформизмот и кокетирањето со власта. Црвената линија треба да е воочлива и секогаш присутна меѓу соработката за општествената промена и станување алатка во нечиј формат за животно исполнување на агендите на истите. Ова го зборувам од лично искуство, каде ние се боревме за да не станеме такво нешто.
Граѓанскиот сектор е единствениот канал каде обичниот граѓанин се вклучува во процесот на одлучување или барем така треба да биде. Секако, заедно со медиумите сето тоа е полесно и поефикасно. Некој ги спомна медиумите и секако дека ЦИВИЛ со своето работење има покажано дека една од значајните алатки е токму тоа, да имаме слободни медиуми. Знаеме дека власта не сака критика. Дека ќе употреби популистички механизми за притискање на критичкото и активното размислување и дејствување. Го видовме и случајот на притисокот кон секторот од власта, но и обидот на власта да го сплоти секторот.
Иако мислам дека цивилниот сектор многу постигна и направи во последните години, сепак ќе бидам многу критична. Мене лично ме загрижува губењето на независноста, губењето на мониторингот и критиката, како и губењето на кредибилитетот. Тука е она што го зборувам дека сплотувањето со власта е една од најопасните работи којашто може да му се случи на граѓанскиот сектор, кој треба да им служи како коректив, како потсетник дека критички ја набљудуваме нивната работа, како конструктивни соработници, а не како нивни вазали. Токму спротивно, ние сме тие кои постојано треба да им вршиме притисок на институциите и на државата за да функционираат како што треба, а не обратно.
Ова е моментот кога ние треба да препознаеме дека демократијата е сериозно зафатена со корозија и деградација и дека заради тоа треба да се делува. Јас доаѓам од секторот за заштита на животната средина и можам да кажам дека воздухот не убива и земјотресите не убиваат, туку нè убива корупцијата.
Не сме каде што бевме, за среќа. Но, не сме ни онаму каде што би требало да бидеме. Искрено сакам да им се заблагодарам на сите од ЦИВИЛ кои јас ги доживувам како еден стожер, како еден столб и оска околу која се вртат општествените теми и настани. Мислам дека се многу значаен актер во создавањето на платформа за дебата, тоа она како јас го доживувам ЦИВИЛ. Затоа им посакувам многу успеси и надоградувања во наредниот период“.
обработка на текст: М. Ивановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Кирил Михаилов
This post is also available in: English