Политиката на неказнивост на ширењето и промовирањето на говор на омраза во јавниот простор, на некој начин може да се сфати и како нивно оправдување. Молкот и неказнивоста имаат ист ефект како и да се изразува согласност, па и поттикнување. Дотолку пострашно, тоа го охрабрува користењето на говорот на омразата што неизбежно води кон кривични дела сторени од омраза.
Јавноста може да посведочи како омразата на социјалните мрежи и во јавниот простор води кон опасност да предизвика и резултира со дела од омраза, па и акти на политичко насилство.
ГОВОР НА ОМРАЗАТА, ПОТТИКНУВАЊЕ И ПОВИЦИ НА НАСИЛСТВО
Така на пример, пораките на лидерот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев како што се: „Сите ќе ве стреламе“ и „Децата крв ќе ви плукаат“ поттикна закани од неговите симпатизерите дека изреката „децата крв ќе ви плукаат“ не е говор на омраза туку тоа ќе им се случи на сите неистомисленици.
Поранешниот член на Антидискриминациска комисија, Тони Науновски, на 25 јануари 2021 година, на Фејсбук објави фотографија на која се гледа како држи вперена снајперска пушка во рацете, при што упати порака: „Кога ќе дојде време за под шатори, со оган ќе се одјавиме. Од Македонија“. Објавата на поранешниот „антидискриминатор“ подоцна е повлечена, меѓутоа предизвика доволно штета.
Во овој случај, мониторингот на ЦИВИЛ регистрираше неколку коментари со омраза и закани. Така, Јове Хаџиевски коментира под статусот: „Викај кога ќе дојде време“, додека Жарко Столески коментира: „1 мил и 100 души доста се… Почињам од Муртино“. Заканувачките пораки се доволно од јасни. Се работи за повик на оружено насилство, а во коментарите тие повици се потврдуваат и детализираат.
КРВАВИ ПРИМЕРИ ЗА ТОА КОН ШТО ВОДИ ГОВОРОТ НА ОМРАЗАТА
Во минатото бевме сведоци дека насилниот упад во Собранието на 27 април, очигледно организиран од инсталациите на режимот на Груевски, користеше експлицитен говор на омраза како главно оружје на пропагандата и мобилизацијата уште од првиот ден по одржувањето на предвремените парламентарни избори во декември, 2016 година, која го означи крајот на владеењето на авторитарната клика на Груевски. Таков беше и говорот на Валентина Божиновска, тогашната претседателка на Комисијата за односи со верските заедници која на протестите пред ДИК најави дека ќе се случи „Ноќ на долгите ножеви“ доколку ДИК одлучи по приговорите спротивно на желбите на ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот премиер и актуелен бегалец од правдата, Никола Груевски, своевремено ги повика граѓаните „да не седат во папучи, туку да си ја одбранат државата“, еден ден пред да почнат протестите „За заедничка Македонија“.
„Ноќта на долгите ножеви“ всушност се случи на 27 април 2017, кога неколку стотини демонстранти од здружението „За заедничка Македонија“, го нападнаа Македонското собрание за да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. По насилството што се случи таа ноќ во Собранието, 27 април го доби името „Крвавиот четврток“, односно, тоа е денот кога се изврши обид за убиство на демократијата!
Ова се само неколку примери кои покрај говорот на омраза поттикнуваа(т) и дела од омраза.
ДЕФИНИЦИИ
Говор на омраза е термин кој означува говор чија намера е да деградира, вознемири, или предизвика насилство или активности врз основа на предрасуди против лица или групи луѓе врз основа на нивната раса, род, возраст, етничка припадност, националност, религија, сексуална ориентација, родов идентитет, хендикеп, јазична способност, морални или политички ставови, социоекономска класа, занимање или изглед (како висина, тежина и боја на коса), ментален капацитет и било која друга особина. Терминот се однесува и на пишана и на усна комуникација, како и некои форми на однесување на јавно место.
Според законот, говор на омраза е секој говор, гестикулација или однесување, пишан текст, или приказ којшто е забранет поради можноста да поттикне насилство или предрасудно дејствување против или од страна на некоја заштитена индивидуа или група, или поради што се деградира или заплашува одредена индивидуа или група.
Според Член 23 од Кривичниот законик за поттикнување на насилство стои:
(1) Тој што друг со умисла ќе го поттикне да стори кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот.
(2) Тој што друг со умисла го поттикнува на извршување кривично дело за кое според законот може да се изречат пет години затвор или потешка казна, а нема да се направи ни обид за дело, ќе се казни како за обид на кривично дело.
Законот може да ја препознае заштитената индивидуа или група според одредени карактеристики. Во некои држави, секоја жртва на говор на омраза може да побара надомест според граѓанско, кривично право или обете.
ОБВРСКА НА ИНСТИТУЦИИТЕ
Институциите, не само што имаат право, туку имаат и законска и морална обврска да ги санкционираат поединците и организираните структури кои што шират говор на омраза и поттикнуваат насилство. Отсуството на спроведување на основните функции на системот, водат кон поделби, нестабилност, страв, но и насилство и крвави инциденти.
ЦИВИЛ со години спроведува мониторинг и често ја алармира јавноста за погубните последици од говорот на омразата и поттикнувањето на насилството во јавната комуникација.
Дехран Муратов во соработка со Мониторинг тим на ЦИВИЛ
This post is also available in: Albanian