Уште една од низата лажни вести и дезинформации беше објавена синоќа на социјалните мрежи Твитер и Фејсбук, дека СДСМ наводно дели прехранбени пакети за изборен поткуп на гласачи во Битола за време на полициски час. На снимката е прикажан службениот џип на Црвениот Крст од Битола и нивни волонтери како делат социјални пакети на загрозени семејства.
Снимката е направена за време на полицискиот час на улицата „Кочо Рацин“ во Битола во битолската Брусничка населба. Коментарот на анонимниот снимател е навредлив и со говор на омраза кон лидерот на владејачката партија Зоран Заев.
„Eве за време полициски час, Битола, Кочо Рацин, во живо, Зајко салама комерц. Саламата посна е, зајачка? Ееее, кој ќе легни затвор? По затворите се лежи за ова. Ете така, вршиме поткуп на сиромашни граѓани. Пакетчиња свети зајко, чекај да го снимиме џипот, таблицата да се види.
Eте ова го продадовме (знаме од Кутлеш) за два паќети салама, за убо да е, да се омрси народот. Се користи полицискиот час за поткуп. Мрсна салама од зајак мелен“, коментира анонимниот снимател.
Од Црвен Крст – Битола за ЦИВИЛ Медиа велат дека се згозени од тоа дека нивната хуманитарна работа ја поврзуваат со политика и шират лаги и невистини.
„Оваа клевета и атак нема да ги запре нашите активности. Нашата мисија нема да застане и утре повторно како и изминатите 100 дена ќе бидеме на терен затоа што некое дете, возрасен или лице со посебни потреби ја чека нашата помош“, велат од Црвен Крст – Битола.
Оваа лажна вест и дезинформација ја објави и пораталот „Република“ со наслов „Поткуп и во Битола, и тоа за време на полициски час“.
Од СДСМ – Битола велат дека во еуфоријата на ширење на лажни вести и правење сензационализам онаму каде нема, сето тоа за 5 минутна слава, беше употребена една слика превземена од нивниот албум од двете хуманитарни акции кои ОО СДСМ Битола ги организира во контитнуитет во последните три месеци, за време на корона кризата и беше употребена, за жал, со цел да се оцрни работата на една организација како Црвен Крст, која безусловно и во најтешките околности помагаше на граѓаните кои имаа потреба од тоа.
„Сакаме да напомене дека хуманитарната акција која нашата општинска организација во континуитет ја организира е со донации од наши членови и симпатизери. Тоа го правиме транспарентно и јавно и никогаш не злоупотребуваме други институции. За жал, во некои минати времиња, одредени луѓе така биле навикнати па сметаат дека тоа уште постои“, реагираат од СДСМ.
Од владеачката партија додаваат дека најостро ја осудуваат оваа злоупотреба и повикуваат да не се шират лажни вести, да не се прави проблем онаму каде нема и ако не се помага, барем да не се одмага.
Дехран Муратов