Александар Кржаловски, МЦМС, на конференцијата „Меѓу стремежите и реалноста“, по повод 20 годишнината на ЦИВИЛ, зборуваше за неговите први импресии за организацијата и нејзините вредности.
„Мислам дека со ЦИВИЛ релативно малку се знаеме и познаваме, последните 5 години, а претходно беше главно анегдотско познавањето меѓу мене и Џабир. Поради природата на нашето познанство, такво ќе биде моето излагање.
Тоа познавање беше главно од приеми, брифинзи со странски претставници и амбасадори каде што вообичаено бевме на спротивставени страни. Дали поради уметничката природа на Џабир, повеќе драматизираше, а јас како компјутерџија повеќе рационализирав и како некој што верува во теоријата на Анштајн за релативитет, бев задолжен да релативизирам. Една од средби ја памтам зашто жестоко и толку драма воведе Џабир, што мојот дел го почнав со изјава: ако е вака како што Џабир кажува, очекувам дека сега не прислушуваат и кога ќе излеземе од просторијава ќе нè затворат. Од денешна перспектива, веројатно и двајцата сме биле во право и веројатно нè прислушкувале и на таа средба, ама за среќа не нè затворија.
Беше некој однос на, да не речам непријателство, ама блиску до тоа. Што не мора да е проблем самото по себе. Всушност и една од тајните на успехот на МЦМС е во третирањето на непријателите, условно речено. Дури јас сум вработен во МЦМС, а Сашо Клековски ме смета за непријател уште од студентските денови. Нејсе, најверојатно таков беше и тој жесток однос меѓу мене и Џабир. Сè до моментот кога ние го преземавме раководењето на програмата Цивика Мобилитас 2014/2015 година и кога ЦИВИЛ доби грант од таа програма. Сè уште ми е жал што по телефон му го соопштив тоа, лично на Џабир, што не му кажав во лице да му ја видам експресијата бидејќи не му се веруваше дека од МЦМС добиле грант.
Но, од тоа што јас научив од тогаш наваму, во поблиска соработка и дружење со ЦИВИЛ беа неколку вредности. Две беа во самите грантови Едната е го спознав капацитетот на ЦИВИЛ за мобилизација на граѓаните и беше една од организациите која најмногу придонесе за целите на Цивика за граѓански активизам.
Втората ми беше скромноста. Да не речам шокирам, но бев зачуден кога на пола од грантистите директорите имаат поголеми плати од мене, кој е во десет пати поголема по буџет организација, а би требало да е малку обратно. Кај ЦИВИЛ, не само што не беше така, туку и нивниот пристап беше да се задржи што поголем дел од тимот со минимални да не речам скромни примања .Осум луѓе од ЦИВИЛ работеа на проектот на Цивика. Мене ме импресионира тоа како многу скромен пристап.
Уште една вредност што сакам да ја истакнам, а тоа е слободата на говор. Веројатно тоа што јас сум тука покажува колку ЦИВИЛ е посветен на слободата на говорот и секој да каже што мисли отворено и директно колку и да е тоа добро или лошо за оној што го организира настанот“.
Обработка на текст и монтажа: Б. Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Фотографија: Кирил Михалиов