„Кратки нозе“ за ветувањата на кандидатите за скопски градоначалник против аерозагадувањето

Дали кандидатите за градоначалник на Скопје имаа конкретни ветувања за борба против загадувањето на воздухот? Дали властите сториле нешто во оваа област во изминативе години?

 

Во прилогот на Слободна ТВ со наслов: КРЕАТОРОТ НА “МОЈ ВОЗДУХ”: ЗАГАДУВАЊЕ УШТЕ ИМА ИАКО ВЛАСТИТЕ НЕ САКААТ ДА ЗБОРУВААТ ЗА ТОА“, се сублимираат изјави на новоизбраниот советник на град Скопје, Горјан Јовановски:

„За разлика од претходните локални избори, кога главно ветување на идните градоначалници беше дека ќе го намалат загадувањето на воздухот, овојпат такво ветување не слушнавме од никого. Креаторот на апликацијата „Мој воздух“ и нов член во Советот на Град Скопје, Горјан Јовановски, денеска во Утрински брифинг рече дека во последниве седум години откако тој се занимава со еко активизам, никој од власта не направил нешто за да се подобри квалитетот на воздухот“, се вели во содржината.

Но овие тврдења не ја поминуваат проверката на фактите. Доволно е да се прелистаат програмите на главните кандидати во вториот круг, за да се утврди дека во нив има конкретни ветувања за намалување на аерозагадувањето. (водител +скриншотови)

На пример, во програмата на новоизбраната градоначалничка Арсовска се ветуваат „5 НОВИ МЕГА ПАРКОВИ ВО СКОПЈЕ“ како „бели дробови кои ќе се справуваат со урбаното загадување“ и „нови зелени острови кои ќе придонесат за намалување на загадувањето“. Арсовска исто така вети дека „Ќе ги исчистиме сите депонии за точно 82 дена и ќе го ревитализираме просторот во чиста зелена површина“ – или, како што стои во програмата – „сите диви депонии на територијата на градот, со цел превенција на загадување на воздух“.

Арсовска ветуваше и 250 НОВИ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ  „Заради намалување на загадувањето во главниот град“  и  ПОСЕБНА ЛЕНТА ЗА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ за „помало загадување на воздухот и поефикасен јавен сообраќај“.(офф +скриншотови)

Досегашниот градоначалник Шилегов, пак, во програмата ветуваше БРТ систем за побрз автобуски превоз и помало аерозагадување. Шилегов укажуваше дека Град Скопје доделил околу 7.500 субвенции за замена на нееколошки грејни тела со инвертер клима-уреди. Тој во кампањата ветуваше „4 милиони евра за инвертери за домаќинствата“, а во програмата пишува дека се очекува „ефектите од субвенциите да резултираат со преполовување на учеството на домаќинствата во аерозагадувањето во градот Скопје“.

Покрај тоа, Шилегов најавуваше „фер и евтини тарифни модели за дистрибуција на топлинска енергија на постојните корисници“, за да се стимулираат и вратат „скоро 15.000 корисници што го напуштија системот на централно греење“. Шилегов ветуваше и „Дислокација на загадувачката индустрија“, укажувајќи дека „анализите за изворите на загадување во Градот Скопје ја рангираат индустријата на високо место.“

Излегува дека тврдењето на новиот градски советник Јовановски дека немало ветувања за справувањето со аерозагадувањето во Скопје не е точно, и дека такви ветувања и предлози има во програмите и кампањата на кандидатите за градоначалник. Исто така, не е точно тврдењето дека „во последниве седум години никој од власта не направил нешто за да се подобри квалитетот на воздухот“, за што објавивме факти во претходна епизода на „Кратки нозе“.

Се разбира, има уште многу работа за справување со аерозагадувањето во Скопје. Токму затоа имаше и бројни конкретни ветувања на кандидатите за градоначалник. Дали ветувањата ќе се остварат, ќе видиме набргу. Граѓаните во оваа област очекуваат е напредок и резултати, до кои се стига со конкретни предлози и решенија и многу работа, а не со невистини и дезинформации.