„Кратки нозе“: Автобусот на Беса Транс не бил стар 3 години, изјавата на Сарафов „насанка“ многу медиуми

Дел од неточните информации за трагедијата на автопатот во Бугарија беа поврзани со староста на автобусот кој изгоре во несреќата. Во јавноста се појавија информации дека автобусот бил стар само 3 години. Овој пат, извор на неточната информација беше изјава на бугарски истражител, која предизвика лавина невистинити објави.

 

На прес конференција на местото на несреќата на 23 ноември, обвинителката Вилма Рускоска, во присуство на Борислав Сарафов, директор на Националната истражна служба, тело на бугарското обвинителство, доби новинарско прашање за староста на автобусите.

Но, за разлика од резервите што ги искажа Рускоска, тврдењето на Сарафов дека според првичните информации автобусот бил стар 3 години, во прилогот на агенцијата МИА, не му беше атрибуирано на изворот, туку беше ставено во ист параграф каде се зборуваше за изјава на „шефицата на ОЈО Вилма Рускоска“

„Компанијата досега немала сообраќајни незгоди, но како што изјави шефицата на ОЈО Вилма Рускоска, мора да се провери соодветната документација за техничката состојба на автобусите. Според првичните информации, автобус бил нов и во функција е само три години.“, се вели во извештајот на МИА.

Оваа непроверена информација од Сарафов пренесена од МИА, беше потоа преземена од повеќе македонски медиуми заедно со нечленуваниот збор „автобус“, како и од бугарски медиуми, а предизвика и појава на теории на заговор како во мега-популарното видео на порталот Хасковонет Себахтин Исмаил за трагедията на АМ “Струма“ : Възможно е да става въпрос за тероризъм.

Видеото од 24 ноември 2021 има над 1.4 милиони прегледи за 5 дена, а се надоврзува на погрешната информација дека автобусот бил произведен 2018 година, и имал софистицирана заштита од пожар. Таквата дезинформација беше демантирана од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој на 26 ноември на прес конференција изјави:

„И уште една корисна информација, која ја интересираше јавноста, возилото е произведено во 2007 година.“

Во случајов, новинарите наседнаа на неточна и неатрибуирана информација изнесена во изјава на официјално лице.

Најдобар начин новинарите да се заштитат и себеси и јавноста од вакви официјални но погрешни информации, е да ги проверуваат информациите без оглед на изворот, а доколку тоа не е можно, да ги атрибуираат прецизно, што ја лоцира и одговорноста за изнесеното пред јавноста.