Костова: Коронавирусот ни покажа колку е важна слободата на медиумите

КРИСТИНА КОСТОВА, граѓанска активистка

Слободата на медиумите е клучна за развојот и одржувањето на демократијата. Она што го покажуваат почетоците на ширењето на коронавирусот е колку, всушност, слободата на медиумите (или нејзиното отсуство) влијае врз човечките животи, безбедноста, а конечно и здравјето на граѓаните.

Впрочем, многу е веројатно дека светот немаше да биде запоседнат од пандемија ако на новинарите во Кина им беше дозволено отворено и јасно да разговараат со засегнатите медицински лица и да известуваат за зачетоците на новиот вирус уште од самиот почеток, ако кинеските институции практикуваа(т) транспарентност во работата и ако вистината се вреднува повеќе од зачувувањето на имиџот на светска сила во која сè е подредено по „соодветен“ ред.

Во екот на пандемијата сфаќаме колку се важни медиумските работници кои презентираат веродостојни информации, но и колку нивото на слобода на медиумите и во најоддалечените места на светот може да влијае и да ни „затропа на врата“ кога најмалку очекуваме.

Затоа, на Меѓународниот ден на слобода на медиумите треба повторно граѓаните да си ја повториме заложбата за обезбедување поголем пристап до независни и веродостојни информации обезбедени и презентирани од препознаени и некомпромитирани медиумски работници.

 


По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, сите содржини објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ на овој ден се достапни за објавување според лиценцата Creative Commons 4.0.