Освен пандемијата, 2020 година ја одбележа и инфодемијата во светот. Во нашата земја, не мораше да избие епидемија од КОВИД-19, за дезинформациските кампањи да беснеат со несмалено темпо. Напротив, епидемијата и страдањата на луѓето во борбата со смртоносниот вирус, беше само уште една алатка во рацете на пропагандните центри за ширење паника, страв, недоверба, поделби и омраза, со цел да се прибере некој политички поен повеќе, да се оддалечи Северна Македонија што е можно повеќе од националните стратешки интереси и европската иднина.
Да се направи топ листа на лажните вести и дезинформации во 2020 година е многу тешко, бидејќи конкуренцијата е голема. Експертите бележат дека лажните вести се грижливо креирани, а нивната дистрибуција во јавноста е оркестрирана и добро осмислена.
На топ 10 листата од лажни вести и дезинформации кои се лансираа во македонската јавност во 2020 година, секако е онаа за „имотот“ на премиерот Заев на Халкидики. Сепак, се работи за рециклирана вест. Во 2018 година порталите блиски до ВМРО-ДПМНЕ објавија фотографии од една трикатна куќа во Грција за која лажно се тврдеше дека е на Зоран Заев. Лагата брзо се откри, а откако се подзаборави оваа скандалозна лага, време беше да се смисли уште поголема лага. На истата тема. Кој стои зад лажните вести во оваа кампања?
Во октомври 2020 година, бугарскиот интернет портал Big5.bg објави, а веднаш пренесоа „куририте“ блиски до партијата на Груевски и Мицкоски, дека наводно Зоран Заев купил огромен имот на грчкото крајбрежје. „Бугарскиот портал BIG5 објавува скандалозни податоци за луксузна палата на грчкото приморје на кракот Касандра на Полуостровот Халкидики, која како што пишува медиумот е во сопственост на Зоран Заев, каде тој според мештаните кои ги контактирал медиумот е чест гостин, а посетители му се и голем број македонски, косовски, но и бугарски политичари“ – побрза да објави „Република“ и целата групација во јавноста позната и како „курири“ или „куртони“ на режимот.
Да не оди „фира“, беше рециклирана и лажната вест од 2018 година, божем, Заев „го продал тој имот и купил уште поголем“. Не беше тешко да се открие дека и ова е лажна вест, владата демантираше, а истите портали веднаш и без поговор го објавија, без извинување и без понатамошно докажување на тврдењата. Како и секогаш, целта на пласирањето дезинформации е да се направи што е можно поголема штета. Демантите, особено ако се објавени во посебна содржина, без многу видливост, не можат ни оддалеку целосно да ја санираат нанесената штета.
Се разбира, лажната вест за непостоечки имот на Зоран Заев беше проследена и со прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ, на која Димче Арсовски „ламентираше“ околу оваа лажна вест, изнесувајќи податоци за степенот на сиромаштија во земјата поврзувајќи ги информациите на не многу успешен начин, но доволно е што ѝ го продолжија животот на лажната вест и направија врева. Колку да се потсетиме за кого се работи, Арсовски извика „Да живее Зоран Заев“ пред 50-ина партиски приврзаници на протестот пред владата на 4 декември. Па го снема.
Како и да е, самата лажна вест сè уште е на порталите, без никаква назнака дека е демантирана. Објавена е и во англиското издание на интернет порталот Република.мк за кој веќе е познато дека е дел од медиумите кои примаат милионски суми пари од странство за црна пропаганда во земјава. Но тоа е веќе одамна македонско секојдневие.
Ако малку подлабоко се навлезе во оваа лажна вест, ќе се откријат интересни детали за „историјата“ на Биг5.бг. Порталот постои повеќе од пет години. Сопственик е контроверзниот новинар Васил Петев. Во период од една недела, до моментот кога се пишува овој текст (10 јануари 2021), на порталот не може да се открие ништо за екипата која го работи, нема адреса и контакти, ниту други податоци кои вообичаено се дел од професионалните медиуми. Не е исклучено да се работи за технички пропуст, но во овој контекст и тоа може да значи нешто.
Инаку, сопственикот на Биг5.бг е син на починатиот Николај Петев, бугарски писател и поранешен претседател на Унијата на бугарските писатели, кој своевремено одржуваше блиски контакти со Русија. Во 2013 година, Русофилското движење на Николај Петев му додели и специјално признание, медал, за неговиот придонес во развојот на бугарско-руските односи.
Нема податоци дека Васил Петев е активен член во Русофилското движење во Бугарија, но сите негови постапки и содржините што ги објавува на својот портал се максимално позитивни за рускиот претседател Путин.
За Васил Петев е познато дека е арогантен, дрзок и циничен. Во 2015 година бил жртва на брутален напад од непознати лица кои му скршиле два прста од десната рака. Во тоа време, Петев изјави дека претпочита самиот да открие кој му го сторил тоа, па затоа и не поднел пријава во полицијата. И да открил кој му ги скршил прстите, тоа до денешен ден остана непознато.
Пред основањето на Big5.bg, Петев работи за таблоидот „Торнадо Викли“, во кој своевремено се објавуваа сензационалистички и шпекулативни содржини. Стефанов го привлече вниманието на светските медиуми во 2008 година кога, на 54 годишна возраст, беше претепан речиси до смрт, а две години пред тоа, беше подметната бомба во неговиот стан. Стефанов сега е сопственик на порталот Фрогњуз.бг.
Како што е познато, а и овој пример го покажува тоа, се работи за добро организирана и разработена мрежа на медиуми кои пласираат лажни вести за личности, настани и процеси во нашата земја. Нивниот број не е мал, нивните буџети се вртоглави, а нивните нарачатели често се повеќе од очигледни.
Џабир Дерала