Кога седиштата ќе останат празни

ЏАБИР ДЕРАЛА

Кога се случуваат сериозни процеси и настани, тоа што на малкумина им текнува е дека и општеството има граници на издржливост. Притисокот и ударите од неуморните пропагандни машинерии, беспоштедната и бескрупулозната борба за моќ, за пари, за влијание до последниот квадратен сантиметар во сите области – го трошат општеството. Во еден миг, општеството ќе застане, ќе замре.

Во едно такво, замрено општество, луѓето стивнуваат, се повлекуваат и стануваат недоверливи, себични и исплашени – за да преживеат. Кога вредностите, амбициите, сништата и плановите на луѓето се предолго под ударот на пропагандата од центрите на моќта, луѓето почнуваат да мислат на преживување, а не на живеење. Тогаш, општеството умира, тогаш животот престанува, а останува само преживувањето.

Кога во општеството имате политички партии кои го окупирале секој и најмал простор за дејствување, престанува секаква надеж за напредок. Бизнисот, црквата или џамијата, медиумите, културата и уметноста, образованието и спортот, сите се лепат на малите елити во големите партиски структури. Тогаш престанува критиката, а почнува диктатурата, мека, тврда, насилна, недопечена, средно печена или прегорена.

За да го избегнат тој тврд термин, а и затоа што еталонот за тоа го дадоа неславни индивидуи во историјата, што е тешко достижен во денешниот свет, таа состојба ја нарекуваат со други изрази кои често се еуфемизми: илиберална демократија, автократија или некоја друга кратија. Сеедно, тоа е време и состојба кога општеството замира. Кога веќе нема живот и сè е безначајно.

Луѓето се склони кон спектакли и циркуси. Живеат во мигот, им треба некаква сензација, за да протуркаат низ сè посложеното секојдневие. Затоа, често без размислување, луѓето ги „купуваат“ триковите на пропагандата која изведува разни акробации за да го привлече и задржи нивното внимание.

Да, луѓето го сакаат тој циркус, лесно и своеволно му се предаваат, а на покана од кловновите во арената, весело потскокнуваат и им се придружуваат на статистите на сцената. Некои и сфаќаат дека се опкружени со големи и мали, но секако ненаситни политички животни, но остануваат на сцената, опиени од светлината и вревата на циркуската арена.

Така, малите и големите политички животни прават циркус од луѓето кои, без да мислат, купиле карта за циркуската претстава. Заслепени од светлината, заглушени од вревата, тие веќе не можат да го препознаат својот и интересот на општеството (јавниот интерес). Замаени, ним ништо не им преостанува освен да продолжат да потскокнуваат и френетично да им аплаудираат на кловновите на сцената.

По претставата, ќе дојдат чистачите, да ги соберат вредностите, надежите, сништата и плановите што луѓето од публиката ги заборавиле среде еуфоријата со која им се придружиле на кловновите и политичките предатори. Во меѓувреме, оние што ќе ја препознаат играта, ќе заминат од циркускиот шатор, да се повлечат во своите засолништа (недовербата, себичноста и стравот), за да преживеат.

Ќе останат само празните седишта среде тишината и мракот, да глумат општество.

 

This post is also available in: English