„После 20 години искуство во приватниот сектор, последните 5 години работам во Јавното комуналното претпријатие во Гевгелија. Значењето на пописот е огромно, едноставно од основните потреби како што е формирање на цената на комуналните услуги зависи од бројката на еквивалент жители на една општина“, изјави советникот на општина Гевгелија од СПМ, Ристо Камов, на панелот на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“.
Џабе ни е да имаме некаква стратегија за развој на туризмот, кој е битен елемент, бидејќи ако ги немаме точните бројки тогаш имаме различни проекции и неточни податоци. Пример за тоа е цената на услугите. Регулаторната комисија ни дава некој праг, за секој тип на услуги му дава на комуналното претпријатие некоја рамка од каде до каде да се движи цената. Комуналното претпријатие не е некоја деловна единка која треба да создава екстра приходи, но најважно е цената на услугите треба да биде во некој баланс околу приходите и расходите кои ги прави комуналното претпријатие. Од тој аспект битно е да имаме релевантни податоци.
Во 2012 имавме потреба да го завршиме пописот, но политиката кога се меша во реалните проблеми тогаш настануваат проблеми во целото општество.
Јас имам слобода од мојата партија да си ги искажувам слободно своите ставови, онака како што ги диктира законот. Политичките проблеми треба да се тргнат од реалните животни проблеми.
Општина Гевгелија е можеби прва општина која во својот буџет за 2021 година има планирано активност за основање на центар за развој на човечките ресурси, која е битна комбинација на локално ниво, со која ќе можеме да ги диктираме потребите од статистичките податоци за образованието, реалниот сектор, стопанството, занаетчиството и за вработување. Тука директно е вклучено образованието за да знаеме со која бројка на странци се соочуваме. Ние како држава сме заинтересирани на сите странци кои живеат кај нас со години да ги оспособиме на основна комуникација. За стручното образование не можеме ние да работиме со некои паушални проценки, мора да се има статистички податоци за тоа кои се потребите на стопанството, занаетчиството и на тој начин да се креираат политиките во образованието.
Гевгелија беше една од најбогатите општини во бивша Југославија, но како оди периодот напред ние се чувствуваме хендикепирани со тоа што постојано ни се одземаат некои ингеренции. Можеби со третата фаза на децентрализација очекуваме премногу, но не боли тоа што не можеме да се развиваме во правец и со чекори кои ги има капацитетот на општина Гевгелија.
Да не ни се повтори ситуацијата од 2012 година да го почнеме а да не го завршиме пописот. Јас не сум кадарен да зборувам дали треба да се одложи или да почне пописот, но дефинитивно попис и на општина Гевгелија и на Македонија и е нужно потребен.
На прашањето како тој гледа на повиците за бојкот на пописот, Камов истакна дека со ковид кризата мора да се научиме да живееме и не можеме да се споредуваме со соседните земји во начинот на справување со кризата, но дека се си има и добри и лоши моменти во целата таа ситуација.
Во јавноста се наметнуваат неколку дилеми. На почетокот кога почна попишувањето на дијаспората во јавноста се појави сомнение дека со лажирање на IP адресата може да се попишува и резидентното население од Македонија. Техничко е прашањето колку такви случаи може да има, меѓутоа, има мерки кои може да ги филтрираат и тие податоци. Ние мора да се стремиме да ги вмрежиме дата базите на тие податоци и на тој начин ќе се видат колку се тие отстапувања од реалното резидентно и нерезидентно население.
Пописот треба да покаже бројки. Тие бројки како статистички показател имаат релативност во точноста, но колку се поточни толку ќе бидат подобри последиците во нивната примена во секојдневниот живот.
Од политичката димензија дали се оспорува пописот од оправдани или неоправдани причини, Камов истакна дека ваквите проблеми треба да се решаваат во Собранието.
Камов во своето завршно излагање упати апел до Собранието, со образложение дека има многу граѓани кои не се политички определени, а законот за попис предвидува рестриктивни мерки доколку некој намерно не се попише бидејки подложи на санкции. Во смисла на обичниот граѓанин, Камов изјави дека одговорноста паѓа на Собранието и на консензусот што треба да го донесат, без да се вадат на мислењето на Комисијата за заразни болести или на одлука на Владата во последен момент дали пописот треба да се случи или не. Тој истакна дека за граѓанинот ова е многу важно прашање дали ќе ја отвори вратата или не, а за тоа треба да размислуваат тие што седат во тие 120 столчиња.
Ирена Крџиќ
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Мелиса Муриќ