Сите учесници во изборниот процес за предвремените парламентарни избори на 15 јули имаа можност од 24 јуни, заклучно со денешниот ден, преку изборна кампања да ги промовираат своите изборни програми. Со оглед на ситуацијата со пандемијата од корона вирусот, ветувањата беа дека се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, за целиот промотивен дел да се премести на социјалните мрежи, платеното политичко рекламирање, рекламни паноа и билборди.
Иако, според протоколите, политичките субјекти имаа дозвола за помали собири, со ограничен број луѓе и на отворено, не сите ги испочитуваа истите. Во таа насока, политичките субјекти потпишаа и Кодекс за фер и демократски избори, со најдобронамерни совети да го почитуваат во пракса, а не само декларативно. Се разбира, изборната кампања, која според мониторингот на ЦИВИЛ започна многу порано, беше проследена со широко непочитување на мерките за заштита од Ковид-19 и со класично дефокусирање на јавноста, преку водење валкана кампања од дел од учесниците во изборниот процес. Во пракса, далеку од практично почитување на одредбите во Кодексот за фер и демкратски избори.
Пример за неносење заштитна опрема и одржување собири со повеќе од 30 луѓе, е митингот на ДУИ на Камен мост, Скопје, на кој беа присутни многу повеќе и од 50 луѓе, а најголем дел од нив не носеа маски.
Сличен пример за непочитувањето на мерките за заштита е собирот на ВМРО-ДПМНЕ во Горно Лисиче, по повод откривање на спомен плоча во чест на формирањето на ВМРО-ДПМНЕ пред 30 години, во присуство на голем број граѓани, а Христијан Мицкоски се гушкаше и фотографираше со граѓаните.
Сличен пример е и митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино. На Фејсбук групата „Ковид ѕид на срамот“, е објавeна фотографија од Неготино на која се гледа дека воопшто не се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, присутните воопшто не одржуваат потребно растојание.
ЦИВИЛ го почна мониторингот на 20 јуни и до официјалниот почеток на кампањата, 24 јуни, регистрираше 20 настани што беа предвремена кампања, од речиси сите партии. Во тој период беа регистрирани девет партиски јавни собири и пет видео спотови. Мониторинг тимот регистираше и 44 случаи на „црна кампања“ против политичка партија, а регистрираше и 19 случаи на политичко рекламирање вон законски утврдените рамки, како и 13 случаи на скриена кампања.
Мониторинг тимот на Цивил отвори и 62 досиеја од кои секое вклучува по неколку стотици поединечни случаи на говор на омразата. Често, говорот на омразата произлегува од лажни вести или од објави со лажна, клеветничка, па и вулгарна содржина која потоа поттикнува голем број коментари со говор на омраза и повици на насилство и убиство. Не помалку на тие напади се и граѓански активисти и здруженија, особено ЦИВИЛ. По тој повод не изостана говорот на омраза кон ЦИВИЛ и нејзини членови и поддржувачи на социјалните мрежи, закани по телефон, како и вандализирање на просториите на организацијата.
Одговорот на ЦИВИЛ беше и сè уште е уште пожестока борба против говорот на омраза, ширењето лажни вести и дезинформации и разобличување на истите, но и на оние кои се инволвирани во самиот процес на ширење говор на омраза и повикување на дела од омраза.
ЦИВИЛ постојано повикува на почитување на Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, како и на протоколите и мерките за заштита од корона вирусот од сите учесници во изборниот процес, надлежните органи во спроведување на изборите, како и сите граѓанки и граѓани.
Говорот на омраза не треба само да се детектира, туку и санкционира. Во едно цивилизирано општество што стреми кон деморатски и европски вредности, говорот на омраза, лажните вести, дезинформации и валкани изборни кампањи не треба да бидат дозволени.
ЦИВИЛ повикува сите максимално да придонесеме изборниот ден да биде во духот на почитувањето на лгасачкото право, изборните практики и законски регулативи, особено протоколите за заштита од корона вирусот и заеднички да придонесеме кон слободни, фер и демократски избори.