Изборна хроника: Изгубени во преводот

Маја Ивановска

Изборна хроника на ЦИВИЛ, недела, 14 април 2019

Петнаесеттиот ден од кампањата го одбележаа централниот митинг на заедничкиот кандидат за претседател, Стево Пендаровски, во Скопје, митингот на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, во Велес и митингот на кандидатот за претседател, Блерим Река, во Желино.

Ако претходниот ден, Силјановска го искористи просторот пред Владата на Република Северна Македонија, како своевиден протест, наместо предизборен централен митинг, Пендаровски вчера централниот митинг го одржа пред седиштето на ЕУ делегацијата, со намера, уште еднаш да ја потврди заложбата за напредок и влез во Европската Унија.

Иако до првиот круг од изборите останаа само шест дена, од кои уште четири дена кандидатите можат да ги искористат за ефективно да се претстават пред граѓанките и граѓаните, се чини не постои надеж дека содржината и реториката со која се водат кампањите на сите кандидати ќе се смени во последен миг.

Констатациите од опозицијата за ужасната состојба во која се наоѓа државата, розовите очила на власта, обвинувања, па извинувања, зачинети со комични настапи на кандидатите во емисии од забавен карактер, со цел да се доближат до гласачите на еден поинтимен начин, направија пародија од претседателската кампања. Небаре ни претстои избор на дворски шут, а не претседател на држава.

Ниту на телевизиската дебата, која содржеше за нијанса посериозна атмосфера, не влеа надеж дека кандидатите се подеднакво свесни за трката во која се впуштени. Силјановска допрва ќе им посвети внимание на останатите етнички заедници, Река ќе се води од принципот на мултиетничка држава, а Пендаровски пак се смета за единствениот легитимен претставник кој има поддршка од сите етнички заедници. Трагично е што, токму со инсистирањето на мултиетничноста во своите говори, кандидатите сѐ повеќе ја потенцираат очигледната сегрегација во општеството.

Ниту петнаесеттиот ден од кампањата не изостанаа говорите на лидерите на двете најголеми политички партии во земјата. И повторно истите обвинувања. Ниту Заев, ниту Мицкоски не ја испуштија можноста за меѓусебно да си упатат пораки кои само ја потврдуваат констатацијата дека е сосема утната поентата и целта на предизборната кампања.

Или како што пишува Орданоски денеска: „Овде човек не може ни да се опушти во помислата дека, макар на едни избори, и без него во државата ќе се одбере вистинскиот пат“.

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.