Иако беше најавено дека „Изборен рапорт“ ќе се емитува во понеделник, среда и петок, тимот на ЦИВИЛ одлучи да подготви вонредно издание. Следното издание на „Изборен рапорт“ ќе биде емитувано во живо веќе утре, 29 септември 2021, во 11:15 часот на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Став за најавите за можни предвремени парламентарни избори
Предвремените избори се шок за системот. Тие дополнително го поларизираат општеството и штетно влијаат на бизнисот и економијата. Изборите ја одложуваат, а неретко и ја прекинуваат имплементацијата на важни процеси и проекти. И скапи се. Затоа, силна препорака на ЦИВИЛ е изборните процеси да се одржуваат во нивните редовни термини.
Повиците за предвремени избори се интензивни, што веројатно е директниот повод за отворање на дискусијата за предвремени парламентарни избори. Барањата на опозицијата за поединечни оставки може да се оправдани или неоправдани, но барањата за предвремени избори од опозицијата не се доволна причина за тие и да се прифатат. Владата е одговорна за нормално функционирање на државата и не е должна да ги задоволува апетитите за власт на одредени политичари.
Политичка злоупотреба на деца во изборната кампања
Мониторингот на ЦИВИЛ бележи случаи на политичка злоупотреба на деца во изборната кампања.
Со овие постапки се крши Член 12 став 4 од Законот за заштита на децата во кој се вели: „Се забранува злоупотреба на децата поради политичко и верско организирање и дејствување“. Ова, според нашите правни експерти, подразбира општа забрана за употреба на децата во било каква форма на политичко дејствување, вклучувајќи и политичка изборна кампања.
- Ахмети и Бејта со злоупотреба на деца во изборна кампања
- Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кисела Вода со злоупотреба на деца во изборна кампања
- Злоупотреба на деца и државни ресурси во (пред)изборна кампања
Прв ден од кампањата: Вообичаени настани, но и црна кампања
Првиот ден на официјалната изборна кампања протече со вообичаените настани и средби со граѓанките и граѓаните. Бележиме битна разлика во настапот на одделните политички блокови. Ниту првиот ден од кампањата не помина без говор на омразата и навреди за политичките противници. Кај дел од партиите се бележи рециклирање стари вицеви и обиди да се дискредитира политичкиот противник.
Црна кампања се бележи во настапот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, со рециклирање стари вицеви со цел да се дискредитира политичкиот противник.
Исто така, црна кампања се бележи и во Кочани, каде што се дистрибуираат летоци со дискредитирачка содржина против актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ за оваа функција, Николчо Илијев.
Толку од Кодексот за фер и демократски избори што го потпишаа партиите пред неколку дена.
Џабир Дерала
во соработка со Мониторинг тимот на ЦИВИЛ