Изборен лов на вештерки

Маја Ивановска

Помина и првиот круг од овој изборен процес, онака како што помина, со сите недостатоци и недоследности кои, ете, веројатно сме ги наследиле од скандинавските изборни искуства, со оглед на оценката и првите впечатоци на учесниците и организаторите. Иако, имајќи предвид дека изминатите четири години секоја година ни се случуваат некакви избори, досега требаше да бидеме на врвот на европските и светските искуства.

Наместо сега да делиме „шамари“ на европските и светските демократии за тоа како се организираат фер и демократски избори, ние повторно се соочивме со комплетно неспремна и необучена изборна администрација, проблеми со Избирачкиот список и секако оградување од Државната изборна комисија чиј единствен изговор е дека „најлесно е ним да им се префрли вината“. А кому, ако не на единствената институција, која патем е постојано, а не ад-хок тело коешто е надлежно за организирање и спроведување на изборните процеси во земјата?

Изјавата на претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски дека на дело се покажува најголемата слабост на избирачкиот систем и избирачките одбори од распишувањето на изборите до нивното спроведување, на страна од фактот што е само уште еден неуспешен обид за себеамнестирање, е токму префрлање на топката. Нешто за што и самиот Деркоски во изминатиот период жестоко се спротивставуваше. И додека чекаме да видиме во чии раце топката ќе застане, забораваме на најважниот од сите факти, дека „топката“ се всушност граѓаните. А тие и на овие избори, како и на претходните, во голем број останаа без елементарното човеково право на глас.

Проблемите со кои се соочуваше и се уште се соочува Избирачкиот список, како и сите предупредувања кои ЦИВИЛ – Центар за слобода, како организација која жестоко го брани правото на глас, ги упати до ДИК и МВР, не само што не беа земени предвид туку и вината повторно се префрли кај гласачите, односно граѓанките и граѓаните.

На самиот изборен ден на површина испливаа сите недостатоци во организацијата и спроведувањето на изборите, а најголем процент од нив се однесуваат токму на незаконското работење на органите на Државната изборна комисија, односно, непридржувањето до Изборниот законик и сите правилници и брошури со коишто претседателот Деркоски толку гордо мавташе во предизборниот период.

Она на што веќе со години ЦИВИЛ предупредува, фактот дека обуките на членовите на Избирачките одбори се крајно неефикасни и непродуктивни, доведе до тоа 60% од пријавените нерегуларности на самиот изборен ден, од страна на набљудувачите на ЦИВИЛ и граѓанките и граѓаните, да се однесуваат токму на работата на Избирачките одбори.

Како граѓани најверојатно не знаеме што скандинавските искуства говорат за работата на изборната администрација, но ако навистина вака се работи тогаш можеме, како држава, да се самопрогласиме за светски лидер во спроведување на најсовршениот лов на вештерки!


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон.