Државната комисија за спречување корупција веќе работи интензивно, не само на предметите за непотизам, туку и на тековниот изборен процес. Со приближување на датумот за почеток на изборна кампања, крајниот рок за собирање потписи за кандидатски листи и можни изборни неправилности, особено од аспект на изборна корупција, беа повеќе од доволен повод за интервју со претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
ЦИВИЛ МЕДИА: На што треба да се обрне внимание во текот на изборниот процес? Кои се вашите препораки до граѓан(к)ите, граѓанските организации и до институциите?
ИВАНОВСКА: Зголемени се надлежностите на ДКСК, особено во делот на следење на изборната кампања. Во тој контекст ги охрабрувам сите граѓани на нашата држава, доколку забележат било какви неправилности, да ја известат ДКСК. Исто така, го охрабрувам невладиниот сектор, со сета своја мрежа на набљудувачи, за сите неправилности до кои ќе дојдат, да ја известат нашата комисија. Упатувам и апел од институциите да се погрижат да ги сочуваат буџетските средства и човечките ресурси, да не ги користат во изборни цели.
Нашата комисија размислува какви активности да преземе во насока на пообјективно следење на целата изборна кампања. За таа цел, ќе упатиме барање до сите институции да ни достават преглед на сите службени возила со коишто располагаат, од типот вид на службено возило, марка на возилото, регистрација, со што би направиле една поголема база на податоци. Исто така, ќе побараме информација, колку од нив се дадени на користење 24/7, за да направиме едно разграничување и таа база на податоци ќе ја доставиме до граѓанскиот сектор кој, преку своите набљудувачи, ќе ни обезбеди информации дали се користеле за партиски цели, во изборна кампања или не.
Планираме да спроведеме проверки на листите за евиденција на работно време, со цел да добиеме информации дали вработените го користат своето работно време во изборни цели. На тој начин сметаме дека ќе помогнеме за зачувување на буџетските средства, државните средства и човечките ресурси, да не се користат во изборни цели.
ЦИВИЛ МЕДИА: Потпишавте Меморандум за соработка со ДИК и Државниот завод за статистика. Како ќе се одвива таа соработка, особено со ДЗР и дали тие се подготвени за изборите, со оглед дека сè уште нема Главен државен ревизор?
ИВАНОВСКА: Тоа што ДЗР нема Главен државен ревизор е хендикеп, но таму има стручни ревизори, без оглед на тоа дали има или нема Главен државен ревизор. Тие си ја вршат одлично работата. Она што е во надлежност на ДЗР е да врши ревизија на финансиските извештаи на партиите, редовните сметки и изборните сметки, и во тој дел ќе ни бидат од голема помош нивните наоди за да постапуваме понатаму. Но, во првиот дел, следење на изборната кампања не би можеле многу да се потпреме на ДЗР, затоа тука си градиме своја сопствена стратегија. Во овој период ќе ја зајакнеме и соработката со ДИК.
ЦИВИЛ МЕДИА: Изборната кампања, официјално, не е започната. Вие веќе изјавивте дека за предизборна кампања нема пријави за неправилности. Сепак, дали има пријави за друг тип на коруптивни елементи во изборен контекст?
ИВАНОВСКА: До сега, за овој изборен процес немаме пријава.
ЦИВИЛ МЕДИА: Вие отворивте повеќе предмети за непотизам, а во тек се и некои од истрагите. Објективно, какви резултати очекувате на крајот од овие истраги?
ИВАНОВСКА: Поразителни. Не е дека тие вработувања се извршиле спротивно на закон. Убедена сум дека сите нашле некаква законска рамка. Меѓутоа, она што во пошироки рамки го предизвикува проблемот е што се градел еден таков систем со години наназад, којшто отвора и ќе отвора, без разлика дали има потреба или не, нови работни места. Од некои истражувања што досега ги прочитав и направив во јавни претпријатија, коишто, иако работат со загуба, имаат прилив на нови вработени. Јавните претпријатија со здрава економска логика треба да носат профит во претпријатието и воопшто во државата. Не треба јавно претпријатие, кога работи со загуба, да го зголемува човечкиот капацитет.
Имаме милион такви ситуации. На пример, јавно претпријатие што е должник на УЈП, неподмирени обврски кон државата, од друга страна, има нови вработувања. Проблемот е многу голем и сеопфатен. Системот е таков што сам по себе генерира непотизам.
Ако направиме една функционална анализа и видиме какви се реалните потреби на едно јавно претпријатие да ја остварува својата основна цел и да го задоволи јавниот интерес, тогаш ќе видиме колкава е реалната потреба од вработени лица. Една таква анализа ќе покаже дека голем број вработени не треба да припаѓаат во одредено јавно претпријатие.
Нашите резултати ќе покажат и дали имало или немало одредено влијание при вработување. Но, од друга страна, мислам дека целото општество, целата држава треба малку подлабоко да се занимава со проблемот затоа што има длабоки корени.
ЦИВИЛ Медиа: Како може да се влијае непотизмот да се искорени од институциите, особено оној кој доаѓа од партиите, независно дали се на власт или не?
ИВАНОВСКА: Ако тргнеме кон основната цел, јавно претпријатие задоволува одреден интерес и вработува луѓе коишто ќе бидат најрационално решение. Значи, нема да имаме непотребни вработувања. Ако при тие вработувања се вработат тие што ќе ги поминат критериумите и ќе дадат најдобар резултат тогаш, ете го решението.
Треба да се има силна политичка волја, висока општествена свест, за да се направи една целосна функционална анализа воопшто на јавниот сектор, да се видат кои се потребите од човечки ресурси и само така можеме да обезбедиме ефикасен систем.
Биљана Јордановска (текст и монтажа)
Дехран Муратов (камера и фотографија)