Преку граѓанското новинарство граѓанките и граѓаните имаат можност да бидат контролори на работата на државните и локалните функционери и институции и да вршат притисок тие да работат според законите, транспарентно и одговорно.
Во период кога се најавува референдум за промена на името, кога се во тек процесите за влез во НАТО и ЕУ, кога низ државата сè почесто има протести, говор на омраза…, граѓанските новинар(к)и се тие кои може да придонесат кон зачувување на мирот и зајакнување на демократските процеси. Како што знаат ЦИВИЛите да кажат: Граѓанските новинарки и новинари се носители на новинарството што известува без страв и без услуги.
ЦИВИЛ ги повикува своите досегашни учесници од семинарите за граѓанско новинарство, како и сите заинтересирани за мониторинг на референдумот да фотографираат, снимаат и забележуваат. Промената е во вашите раце!
#ГраѓанскиОбјектив е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот. Овој проект веќе трета година придонесува кон развој на граѓанското новинарство во земјата. Основна цел на проектот е да се придонесе кон транспарентни и одговорни политички процеси, да се зајакне јавната свест на политиките и практиките поврзани со човековите права и слободи. Проектот е поддржан од National Endowment for Democracy.