Целта на проектот „Граѓански објектив“ е да се промовираат транспарентноста и одговорноста во политичките процеси преку јакнење на граѓанското новинарство. Преку овој проект, ЦИВИЛ – Центар за слобода создаде безбеден простор за активистите и граѓанските новинарки и новинари да идентификуваат и рапортираат за случаите на кршење на човековите права и слободи воопшто, а особено на гласачкото право. Тоа е една интерактивна и динамична активност која ги повика сите заинтересирани да се вклучат во набљудувањето и известувањето за настаните поврзани со актуелните политички процеси во Република Македонија.
Прилозите на граѓанските новинарки и новинари кои учествуваа во проектот „Граѓански објектив“ послужија како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес и на политичките процеси во целост, кои ги спроведува ЦИВИЛ. Придонесот на граѓанските новинари допрва ќе се почувствува во македонското општество и ќе биде ресурс, како за медиумите, така и за истражувачките и набљудувачките активности на организациите на граѓанското општество. „Граѓанските новинари, како што пишува и Џабир Дерала во својот текст објавен во оваа публикација,се последната барикада на слободните медиуми, последната линија на отпорот против корпоративната политика на корумпираните моќници.“
Граѓанското новинарство се покажа како извонредна алатка, многу потребна во напорите на јавноста да дознае за настаните кои навистина се случуваат, како и за канализирање и формулирање на јавните барања за транспарентност во политичките процеси.
Во пресрет на предвремените парламентарни избори на 11 декември, избори чиј датум во два наврати се одложуваше, Македонија длабоко навлезе во перманентна изборна кампања. субјектите инволвирани во самиот изборен процес ја третираат јавноста единствено од аспект на утилизирање на медиумите со цел да постигнат што е можно посилен импакт врз јавното мислење.
ЦИВИЛ, од друга стана, имајќи го во прв план секогаш интересот на граѓанките и граѓаните и нивните фундаментални човекови права и слободи, воведе поинаква методологија во препознавањето и јавното изложување на вистинската слика за настаните и процесите поврзани со политичката криза во земјата, експонирање на случаите на злоупотреби и кршење на гласачкото право, но и претставување на ставовите и расположението на граѓанките и граѓаните, онака како што се снимени, онака како што се изразиле, без интервенции од уредништвата или од центрите на моќ.
Во својата отвореност и транспарентност, ЦИВИЛ отиде дотаму што објави и награди прилог на граѓански новинар кој разговара со граѓанин го жестоко го напаѓа и дисквалификува ЦИВИЛ, како и целото граѓанско општество.
Проектниот тим на ЦИВИЛ, преку своите веб страници и Фејсбук страницата, практикувајќи го онлајн активизмот, на самиот почеток подготви содржини преку кои ги повикаа сите граѓанки и граѓани да земат активно учество во процесот на пласирање на граѓанското новинарство. Сите активности во рамки на проектот, семинари, обуки, јавни настани, изјави, објави на граѓански новинарски видео, фото и текстуални прилози, освен преку онлајн каналите на ЦИВИЛ, беа проследени и од многубројни локални медиуми, дел од националните медиуми, како и голем број независни портали.
Во текот на имплементирањето на проектот, ЦИВИЛ спроведе 5 семинари на тема „Биди граѓански новинар“ на кои учествуваа 130 учесници, а освен експертите од составот на ЦИВИЛ, предаваа 16 истакнати професионалци фоторепортери, новинари, уметници, професори, експерти за медиуми и новинари, експерти за човекови права и продуценти.
По завршувањето на семинарите, ЦИВИЛ формира тричлена комисија која ги селектираше прилозите на најуспешните граѓански новинари во девет циклуси и додели 45 награди за граѓанско новинарство за една година. Наградените учесници се претставија со видео прилози, фотографии, скенови од документи и извештаи за проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓанките и граѓаните на локално и на централно ниво.
Сите материјали кои пристигнаа во ЦИВИЛ, вклучително и оние кои не беа наградени, поминаа низ постапката за утврдување на конзистентност и верификација на фактите кои на терен ги спроведе проектниот тим на ЦИВИЛ. Наградените материјали беа детално разгледани од три члена комисијата. Меѓу наградените имаше повеќемина кои сакаа да останат анонимни поради страв од реперкусии. Сепак, на две од деветте церемонии за доделување на наградите, во февруари и септември, двајца учесници се охрабрија и излегоа од сенката на анонимноста, сакајќи јавно да ги подигнат наградите.
Во меѓувреме, поради големиот интерес, ЦИВИЛ одржа девет нови работилници и тоа: во Скопје, Прилеп, Тетово, Куманово, Струмица и Велес. Форматот на работилниците беше еднодневна интензивна теоретска и практична обука за 10 до 15 учесници. На овие дополнителни работилници учествуваа вкупно 79 млади луѓе, заинтересирани за запознавање со основите на граѓанското новинарство. Работилниците ги водеа членови на тимот на ЦИВИЛ. Видливоста и ефективноста на ваквиот метод на обуки и активирање беше дополнителна мотивација за тимот на ЦИВИЛ да продолжи со промовирање на граѓанското новинарство, со што се отворија дополнителни можности сториите на граѓанските новинари да допрат до поголем број граѓанки и граѓани.
ЦИВИЛ одржа шест јавни настани на отворено и тоа два во Скопје и по еден во Тетово, Куманово, Битола и Струмица. Речиси илјада луѓе ги видоа овие настани, а ги покрија седум локални ТВ станици.
Предизвикот да се надмине стравот и јавно да се проговори за злоупотребите, притисоците и кршењето на човековите права и слободи воопшто, но особено во изборен контекст, беше голем. Тимот на ЦИВИЛ презеде решителна акција да ја зајакне јавната свест за човековите права и слободи и во таа акција да ги вклучи своите конституенти и пошироката јавност. Граѓанските новинарки и новинари влегоа во костец со медиумското сивило во земјата.
Наспроти изложеноста на притисоци и закани, проектот „Граѓански објектив“ предизвика позитивни реакции во јавноста и зголемен интерес за надминување на политичката криза преку јавното изложување на проблемите и да се спротивстави на изобличувањето на фактите во медиумите. Објавувањето на сториите на граѓанските новинари без цензура, придонесоа кон јакнење на граѓанскиот активизам и на новинарството. Овој проект стана јавен ресурс, но и фронтална линија во потрага по вистината и фактите за животот во Република Македонија.
Биљана Јордановска
Оваа содржина е дел од публикацијата „Ние сме медиумите“ која ЦИВИЛ - Центар за слобода ја објави во рамки на проектот Граѓански објектив.