Жителите од месноста Долна ограда во Идризово, имаат проблеми со клучката кај мостот Кадински пат, бидејќи при изградбата на автопатот не се прописно поврзани со клучката.
„Бев на разговор и кај градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски, тој ми рече дека нема да го среди тој проблем. Ние жителите од тоа маало направивме друг пат за да може да се приклучиме на мостот, но и тоа е многу високо и не е безбедно“, вели граѓанскиот новинар Бранислав Максимовски, чии фотографии го илустрираат проблемот со кој се соочуваат.
Максимовски додава дека никој не сака да го реши проблемот со клучката.
„Се надеваме дека и вие го чувствувате овој проблем поради кинење на жицата од автопатот и честите несреќи при совладување на големата нагорнина кај надвозникот“, стои во барањето што го испратиле жителите до Фондот за магистрални и регионални патишта.
Граѓанскиот новинар вели дека жителите Долна ограда, бараат и очекуваат надлежните да им го решат проблемот што е можно побрзо.