Градоначалникот Чадиев не го исполни ветувањето за покриен зелен пазар со трговски центар!

Велешани, а особено земјоделците и трговците кои секој пазарен ден, продаваат земјоделски култури и друга стока на отворениот зелен пазар, во близина на автобуската станица во Велес, реагираат, затоа што градоначалникот Славко Чадиев не го исполнил предизборното ветување од март 2013-та година, дека до крајот на 2016-та, пазарот ќе се покрие, а врз него ќе се изгради и трговски центар. Како што пишува за ЦИВИЛ Медиа, граѓанскиот новинар Дејан Ристов, бурни и постојани се и реакциите на пазарџиите и граѓаните

„Секое сабајле сум овде, но сликата е ужасна. Нечисто е многу, а неретко во близина на тезгињата има фекалии, па се мешаат со дождовните води, непријатен мирис се шири на сите страни“, ни изјави еден велешанец изутринава, при посета на отворениот зелен пазар во Велес.

DSC_0900

Велес - зелен пазар

Речиси и да нема тезгаџија кој е задоволен од условите за работа.

„Временските услови многу ми влијаат на прометот, некни цел ден остварив едвај 400 денари, а месечно плаќам кирија за тезгето над 900 денари. Ако не закупиш месечно, за дневната наемнина ќе плаќаш од 100-150 денари. Згора, и здравјето наше се загрозува, секој пазар во  зима или во лето, ние како продавачи сме изложени на временските неприлики. Му реков и на градоначалникот, кога еднаш го сретнав, да си го оствари ветувањето. Рече, 'ќе биде, ќе биде...', ама кога? Едно време почнаа нешто, го обележуваа теренот, ама оттогаш ништо не се случува“, забележа друг велешки пазарџија.

„Кога врне имаме триста проблеми, пазарот треба да се покрие во најкус рок, зашто месечно плаќаме по 1.150 денари, плус секој пазар, за баждарење плаќаме од 30-50 денари за тезга“, реагираше еден производител на земјоделски култури, што го затекнавме како го подготвува тезгето на пазарот.  

„Работиме во многу лоши услови, нозете ни се полни со вода, кога временските услови се непогодни, муштериите веднаш си заминуваат. Нема луѓе, останува стоката, па калира, треба да се фрли, катастрофа е. А, пред 3-4 години имаше ветување од градоначалникот Чадиев, дека ќе се покрие зелениот пазар, но од тие ветувања нема ништо реализирано“, револтирано велат трговците.

Чадиев, во март 2013-та година кога се кандидираше за градоначалник на Општина Велес од ВМРО-ДПМНЕ, вети дека, доколку биде избран, до крајот на оваа година ќе реализира инвестиција со јавно-приватно партнерство, за изградба на трговски центар и за покривање на отворениот зелен пазар.

ЧАДИЕВ ВЕЛЕС 2013

Чадиев - неисполнети ветувања

http://daily.mk/makedonija/chadiev-vetuva-trgovski-centar-i-zatvoren-pazar-vo-veles

„Положбата и состојбата на постојниот градски пазар овозможуваат, преку јавно-приватно партнерство, да се покрие дел од пазарот и на тој начин, да се добие современ објект за потребите на фармерите, трговците и на граѓаните на Велес. По покривање на пазарот, ќе се создадат услови за негова надград­ба, со изградба на трговски центар. Реализацијата на вака предвидениот проект би се одвивала преку јавно-приватно партнерство, а истиот би се завршил во 2016 година“, изјави тогаш Чадиев.

Велешани не ги заборавија овие ветувања. При денешната посета на зелениот пазар во Велес, состојбата не само што не е променета од 2013-та година наваму, туку е уште полоша. Наместо покриен зелен пазар, останаа празните ветувања на Чадиев, како потсетник за неоствареното.

Дејан Ристов